Земјотресот со јачина од 6.4 степени според Европската макросеизмичка скала, што во 4 часот ја погоди соседна Албанија, се почувствува во целиот регион. Силниот потрес ги разбуди од сон граѓаните на Охрид, каде најмногу се почувствува тектонскиот удар од соседна Албанија.
Според информациите на Институтот за сеизмологија, во регионот на Охрид, Струга и Дебар, земјотресот бил почувствуван со јачина од 5 степени спорд Европската макросеизмичка скала, додека во Кичево истиот бил регистриран со јачина од 4 степени.
Како што информираат од Центарот за управување со кризи, засега нема пријави од граѓани за евентуални штети предизвикани од земјотресот во Охридскиот регион и околината.
Земјотресот предизвика вознемиреност кај граѓаните на Охрид потсетувајќи ги на непријатните моменти од летото 2017 година кога градот беше погоден од таканаречен рој од над 1300 земјотреси, од кои најсилниот беше со јачина од 5.1 степен по Рихтер.
OhridNews