Земјотресот со интензитет од 5,7 степени според Рихтеровата скала, кој вечерва ја погоди Босна и Херцеговина, беше почувствуван и во земјава, поточно во Скопје, Гостивар и Тетово.

Како што соопшти вечерва Сеизмолошка опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје земјотресот се случил во 23 часот и 07 минути со Рихтерова локална магнитуда ML5.7. Бил почувствуван од граѓаните во Скопје, Гостивар, Тетово и околината со интензитет од три степени според Европската макросеизмичка скала.

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, со станици во Скопје, Валандово, Охрид, Штип и Пехчево, одржувана од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва на 22.04.2022 година регистрираше земјотрес 296 km северозападно од Скопје, кој потекнува од територијата на Република Босна и Херцеговина, 42 километри југоисточно од градот Мостар, се наведува во соопштението на Сеизмолошката опсерваторија, објавено кусо пред полноќ.

Земјотресот со интензитет од 5,7 степени според Рихтеровата скала е почуствуван во поголемиот дел на БиХ и Далмација, се наведува во првичниот извештај на Евромедитеранскиот сеизмолошки центар.

Епицентарот на земјотресот бил на 15 километри источно од Столац, во источниот дел на Херцеговина, на длабочина од пет километри, се наведува во извештајот, јавува Хина.

Земјотресот, според податоците на ЕМСЦ, е почувствуван и во Северна Македонија, Албанија, Косово, Италија и Словенија.

ЕМСЦ предупредува дека се можни вторични потреси во наредните часови или денови.

Освен доколку е неопходно држете се подалеку од оштетените подрачја заради ваша безбедност. Бидете внимателни и следете ги информациите на државните власти, се наведува во предупредувањето на ЕМСЦ.

OhridNews