Охридските земјоделци стравуваат за годинашниот пласман на охридската цреша, која традиционално години наназад се извезува токму на рускиот пазар. Ситуацијата во моментов со руско-украинската криза може негативно да се одрази на извозот.

Ванчо Стојаноски, вели дека неколку години наназад, за жал, политиката околу Русија не најповолна, а дополнително се стравува и сега со оваа ситуација.

Нашите земјоделски производи, а посебно црешата се уште не можеме да ги пласираме на западноевропскиот пазар, бидејќи не можеме да ги достигнеме нивните стандарди и барања. Значи единствениот пазар ни беше Русија. Сега стравуваме каде ќе се пласира црешата, бидејќи од напред ако не е договорен пласманот, извозот ќе пропадне. И минатата година некако тешко одеше откупот, но се плашам дека годинава ќе е уште потешко. Бидејќи ние како држава сепак сме мали производители на овошни култури, вклучително и на црешата, истата заедно со црешата од Србија се извезуваше во Русија и тоа извозот беше 90% токму на тој пазар,  вели Стојаноски.

Само на рускиот пазар, додава Стојаноски, може релативно поголеми количини да се пласираат. Ние не сме некој голем производител но, тие неколку стотини тони однапред се договаат за пласман и тоа месец дена пред берба е договорен откупот, додава тој.

Ако дојдеме во ситуација да не може црешата да се извезува на рускиот пазар, тогаш би можело на пазарите во Косово, Босна и Херцеговина, Црна Гора, но тоа се помали пазари и ќе падне цената. Производството на црешата не е скапо, но нејзиното чување е скапо, како и бербата. Ако падне под 65 денари тогаш е многу ниска, просечната цена треба да биде некаде околу 90 денари. Ако не се пласира на рускиот пазар во поголемите градови каде луѓето имаат поголема куповна моќ, ако останеме на регионалните пазари цената верувајте дека може да падне и на 30 денари. И прашање ќе биде дали ќе ја откупат цела количина на берба, бидејќи пазарите се мали во регионот, вели Стојаноски.

Стојаноски изрази надеж дека оваа година ќе биде многу породна, бидејќи изминатата беше релативно блага, потенцирајќи дека поволните временски прилики ќе придонесат годинава да е една од најдобрите родни години во последните 10-15 години.

Тој се надева дека сепак нема да дојде до ситуација охридската цреша да не може да се извезува и на рускиот пазар.

Н.С.Ј.