“Постојат луѓе од министерствата кои се однесуваат кон општините како кон подрачни единици. Ние сме локална власт, независна од централната и таквото мешање е грубо прекршување на уставните начела”, смета градоначалникот на Велес, Аце Коцевски, кој вчера и денеска во Охрид зборуваше за финансиската состојба со општините во рамките на семинарот што го организира Заедницата на единиците на Локалната самоуправа-ЗЕЛС.

Општините генерално, не се задоволни од прераспределбата на изворите на финасии што им ја дава државата.  “ЗЕЛС бара зголемување на процентот на данокот на додадена вредност кој сега изнесува само 3 проценти” кажа претседателот на комисијата за финансии во оваа асоцијација, Џорџе Арсов.  Арсов смета дека и прераспределбата на  персоналниот данок е неадекватна. Државата од овој данок на општините им дава 3 проценти, но како што рече Арсов  единиците на локалната самоуправа треба да добиваат 50 проценти од персоналниот данок  како што е случај со многу држави.

ЗЕЛС се залага општините да добијат и повисок процент од продажбата на државното земјиште,  пасиштата, минераните суровини.
На семинарот беше потенцирано дека во насока на зголемување на парите што ги добиваат локалните заедници, голем исчекор е направен и со неизграденото државно градежно земјиште. Со последните измени, општините добиваат дури 80 проценти од продажбата на ова земјиште, но беше најавено дека ќе се настојува, општините да го земат под свое управување неизграденото државно земјиште.

Забелешка на ЗЕЛС е што во Македонија не е изградена даночната култура, но и што се уште не е донесен Закон за воедначување на општините, според кој ќе им се овожможи на руралните единици на локална самоуправа да се стекнат со поголема економска стабилност.
Од вкупно 85 општини во Македонија, 20-тина континуирано  работат со блокирани сметки како резултат на наследените долгови  од претходните структури на власт, меѓу кои е и општина Охрид. Ваквата состојба создава проблеми во извршувањето на задачите на општините како сервис на граѓаните, а од друга страна, тие се оневозможени да ги користат и странските донации, беше еден од заклучокот на семинарот.

Асоцијацијацијата на општини, очекува,  најдоцна до почетокот на идната година, и задолжените општини со блокирани сметки да влезат во втората фаза од фискалната децентрализација. 

А. Ристоска