По извршените вонредни контроли на училиштата, градинките, јавните установи, спортските сали, домови на културата низ општините, истите се безбедни, граѓаните да бидат спокојни, истакна денес претседателот на Заедницата на единиците на локална самоуправа (ЗЕЛС) Орце Ѓорѓиевски.

Инспекциите ќе продолжат и во наредниот период не само во објектите од јавен карактер, туку денес и како препорка ќе дадеме да се направат и строги контроли во сите станбени згради во рамки на општините од една страна и од друга страна под темелни контроли да подлежат сите урбани опреми. Во наредниот период ќе има секаде инспектори на терен. Заеднички констатиравме дека во одредени општини недостасуваат инспекторски служби и се тоа ќе биде надминато со меѓуопштинска координација, потенцираше Ѓорѓиевски.

Во голем број кафулиња и кафеани биле констатирани недостатоци за летните тераси, и како што посочи, ќе им се даде време од еден месец сите угостители да ги отстранат тие неправилности.

Сите јавни настани, истакна, кои биле планирани од страна на локалните самоуправи во наредниот период нивна препорака до градоначалниците, директорите на училиштата, јавните установи, е да бидат откажани или да се најде соодветна замена на начин на интерпретација на истите.

Еден од предлозите беше во чест на младите лица кои ги изгубија своите животи, да бидат засадени дрвја низ државата и на тој начин да оддадеме почит кон нив, кажа Ѓорѓиевски.

Истакна дека контроли биле реализирани и изминатите години, а ова што сега се реализира се вонредни испекциски контроли во кои учествуваат инспектори од централната власт.

Н.С.Ј.