Украинскиот претседател Вoлoдимир Зеленски утринава изјави дека Русија продолжува со ракетните напади врз Украина, но дека нејзините војници се запрени да напредуваат во повеќето правци.
Во телевизиско обраќање, Зеленски рече дека руските напади биле насочени и кон воени и кон цивилни цели.
Целта на овој напад е притисок. Притисок врз вас драги граѓани. Притисок врз целото наше општество. Нагласувам: не само врз властите, туку и врз сите Украинци, рече Зеленски.
Тој додаде дека нападот го потсетил на нападот на Киев во 1941 година.
Ние сами си ја браниме државата. Најмоќните сили во светот гледаат од далеку. Дали вчерашните санкции ја убедија Русија? Слушаме на нашето небо и слушаме во нашата земја дека тоа не е доволно, нагласи Зеленски.
Според него, Русија ќе мора да разговара „порано или подоцна“.
Советот за безбедност на ОН ќе гласа резолуција со која се осудува Русија
Советот за безбедност на ОН денеска ќе гласа за нацрт-резолуција со која се осудува Русија за инвазијата врз Украина и бара таа итно и безусловно да се повлече, но тој обид може да биде неуспешен поради правото на Москва да стави вето.
Резолуцијата предложена од САД се очекува да биде разгледана од 193-членото Генерално собрание на ОН за неколку дена, изјави вчера висок претставник на американската администрација, кој побарал да остане анонимен.
Иако се очекува резолуцијата да биде блокирана во 15-члениот Совет за безбедност, Вашингтон и неговите сојузници сметаат дека ова гласање е шанса да се покаже дека Москва е изолирана поради нејзините постапки.
Герашченко: Планот на Русија е да се пробие со тенкови до Киев
Советникот на министерот за внатрешни работи на Украина, Антон Герашченко изјави дека, планот на Русија за денеска е да се пробие до Киев со тенкови од правец на Иванков и Чернигов.
Најтешкиот ден ќе биде денешниот. Планот на непријателот е да се пробие со колони тенкови од Иванков и Чернигов до Киев, напиша Герашченко на Телеграм.
Тој додаде дека бранителите на Киев се подготвени.
Нападите врз Киев со крстосувачки и балистички ракети продолжија, наведе Герашченко преку СМС порака до новинарите.
Министрите за надворешни работи на ЕУ денеска на итни разговори поради руската инвазија
Министрите за надворешни работи на 27-те земји од Европската унија ќе се сретнат денеска на итна седница заради руската инвазија врз Украина.
Состанокот ќе почне во 14 часот по средноевропско време и ќе вклучи дискусија за натамошни опции за поддршка на Украина и како блокот треба да се справи со Русија понатаму.
Тоа доаѓа откако лидерите на ЕУ синоќа се согласија за огромен нов пакет санкции против Русија насочени кон енергетскиот, финансискиот и транспортниот сектор на земјата. Пакетот вклучува забрани за извоз на технологија и го ограничува пристапот на Москва до финансиските пазари на Европската унија.
Пакетот масивни и насочени санкции покажува колку е обединета ЕУ, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Таа додаде дека мерките вклучуваат санкции „кои се насочени кон 70 отсто од рускиот банкарски пазар и клучните државни компании, како и енергетскиот сектор на Русија.
ЕУ, исто така, ја забрани продажбата на авиони и опрема на руските авиокомпании и го намали пристапот на Русија до „клучна технологија“.
Руски тенкови се упатуваат кон Киев, украинската армија урна мост
Руски тенкови што се движат кон Киев биле запрени во близина на селото Иванков, каде што украинските сили разнеле мост за да го запрат конвојот, пишува „Украинска правда“, повикувајќи се на извор од Генералштабот на вооружените сили на Украина.
Како што се наведува, руски тенкови се упатуваат кон Киев, но почнала борба кај Иванков.
Украинските сили дигнаа во воздух мост за да го запрат рускиот конвој, пишува весникот, додавајќи дека Иванков е на половина пат од границата до Киев.
Граничнен пункт во Запорожје погоден од ракета, авион се урна во Киев
Граничен пункт во украинската област Запорожје е погодена од проектил, при што има и човечки жртви. Во нападот има и ранети војници. Регионот нема копнена граница со Русија, туку се наоѓа на брегот на Азовското Море. Нападот се случил во 4.25 часот по локално време.
Истовремено, соопштено е дека украинските сили во раните утрински часови собориле непријателски авион над Киев, кој потоа удрил во станбена зграда. Станбената зграда наводно има девет ката. Ова го изјави советникот на министерот за внатрешни работи Антон Херашченко.
Официјален претставник на украинското Министерство за внатрешни работи изјави дека авионот се урнал во киевскиот кварт Дарницки.
OhridNews
извор. МИА