Украинскиот претседател Володимир Зеленски ја критикуваше Европа што не воведе доволно остри санкции против Москва и го повика рускиот колега Владимир Путин да преговара за „да се спречат човечки жртви“, објави „Фајнешал тајмс“.

Германскиот канцелар вчера зборуваше за инвазијата врз Украина, дека Европа не видела вакво нешто 75 години. Но, ова не е целата вистина. Ова не е само руска инвазија врз Украина. Ова е почеток на војна против Европа. Против европската солидарност. Против елементарните права на европските луѓе, рече Зеленски во обраќањето до нацијата.

Тој укажа на вториот ден од ракетните напади и борби со инвазивните руски сили „кои се слично на она што Европа одамна не го видела по Втората светска војна“ и за што кажа „никогаш повеќе“.

Но, тоа се случува повторно. Сигурен сум дека сите вие, цела Европа го гледате ова. Но, не гледаме целосно што планирате да направите за ова, изјави Зеленски.

Украинскиот претседател праша „како планирате да се одбраните себеси, кога толку полека ни помагате на нас?“

Ако имате борбено искуство во Европа и не сакате да ја гледате неодлучноста на политичарите, можете да дојдете во нашата земја и да ни се придружите во одбраната на Европа, што е сега најнеопходно, додаде Зеленски во изјавата објавена од неговиот прес-служба.

Тој ја нарече „изолирана Русија“ со тоа што ќе биде исклучена од финансискиот систем Свифт, ќе бидат отповикани дипломатите од Москва, ќе се воведе ембарго за нафта и ќе се спроведе зона на забранети летови во воздушниот простор на Украина.

Сакам уште еднаш да му се обратам на претседателот на Руската Федерација. Борбите се водат насекаде во Украина. Дозволете ни да седнеме на преговарачка маса за да ги спречиме загубите на човечки животи, изјави Зеленски.

Песков: Путин е подготвен да испрати делегација во Минск на преговори со Украина

Рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да испрати делегација во белорускиот главен град Минск на преговори со Украина, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесе ДПА.

Како одговор на предлогот на Зеленски, претседателот Путин е подготвен да испрати делегација на ниво на претставници на министерствата за одбрана и надворешни работи и на претседателската администрација во Минск за преговори со украинската делегација, рече Песков.

Украина претходно најави дека е подготвена за преговори, а Песков изјави дека демилитаризацијата е основен дел од условите за преговори.

ЕУ подготвува жесток одговор – остри директни санкции за Путин и Лавров

ЕУ се подготвува да ги замрзне средствата на рускиот претседател Владимир Путин и министерот за надворешни работи Сергеј Лавров како дел од третата рунда санкции против Русија, пишува „Фајненшл тајмс“.

Министрите за надворешни работи на ЕУ попладнево планираат да одобрат нов пакет санкции, заедно со низата мерки против руските банки и индустрија.

На Путин и на Лавров нема да им се забрани да патуваат, пишува ФТ, нагласувајќи ја подготвеноста на ЕУ симболично  да ги задржи отворени дипломатските можности за компромис.

Официјален претставник на ЕУ, кој сакаше да остане анонимен, за британските медиуми истакна дека Унијата во следниот период би можела да погоди со санкции повеќе руски олигарси.

Украинската армија соопшти дека убила над 1.000 руски војници

Украинските вооружени сили соопштија дека веќе убиле над 1.000 руски војници ангажирани во инвазијата врз земјата, а загубите се во размер што Русија никогаш досега не ги претрпела за така кратко време, јави ДПА.

Руските мајки ги испраќаат своите синови во сигурна смрт, бидејќи украинските вооружени сили ги држат линиите и ќе ја бранат својата земја од окупаторите,  се наведува во соопштението.

Руското Министерство за одбрана, од друга страна, соопшти дека нема жртви. Ниту едното барање не можеше да биде независно потврдено. Украинските трупи во меѓувреме влегоа во Киев со тешка воена опрема за да го бранат главниот град.

Рускo Министерство за одбрана: Аеродромот Гостомел кај Киев е окупиран

Руското Министерство за одбрана соопшти дека нивните сили го зазеле стратешки важниот аеродром „Гостомел“ кај Киев, како и дека во таа област слетале падобранци, пренесоа руските медиуми.

Како што се наведува, руската армија го блокирала влезот во Киев од запад, а проруските сили во источна Украина ги нападнале позициите на украинската армија како поддршка на руската армија.

Аеродромот „Гостомел“ е место на интензивни борби меѓу руските и украинските сили. Има долга писта на која можат да слетаат големи транспортни авиони, што значи дека нејзиното преземање ќе и овозможи на Русија да испрати копнени сили директно во предградијата на Киев.

ОН: Руската инвазија може да резултира со околу четири милиони бегалци

Обединетите нации се подготвуваат за до четири милиони бегалци од Украина доколку војната на Русија против земјата продолжи да ескалира. Илјадници веќе се префрлија преку границите во соседните земји, како што се Полска, Молдавија, Словачка и Русија, изјави денеска во Женева портпаролот на агенцијата за бегалци на ОН, УНХЦР. Агенцијата соопшти дека е подготвена да им пружи помош на Украинците кои бегат.

УНИЦЕФ го зајакнува своето присуство и во соседните земји Молдавија, Романија и Полска, како и во Унгарија и Словенија. Засолништа за жени и деца ќе се постават покрај рутите на движење. Канцеларијата за човекови права на ОН соопшти дека примила извештаи за 25 убиени и 102 повредени цивили од руската инвазија во четвртокот во раните утрински часови.

Најголем дел случаи се пријавени од области под контрола на украинската влада, рече портпаролката, додавајќи дека се претпоставува дека вистинските бројки се многу поголеми. Украина има околу 42 милиони жители.

OhridNews

извор. МИА