Потпишана заедничка изјава за поддршка од страна на општините Охрид, Струга и Дебрца за повторното прогласување на Охридското Езеро за споменик на природата. Сите три општини подеднакво се обврзуваат да ја поддржат заштитата на езерото, проактивно да учествуваат во структурата за управување со заштитеното подрачје и да се придржуваат и да ги спроведуваат прописите и приоритетите кои се однесуваат на заштитата на езерото, а се наведени во Студијата за валоризација на Охридското Езеро.
Општините исто така ја искажуваат својата заложба за давање на силна поддршка на процесот на повторно прогласување кој ќе биде спроведен согласно со Законот за заштита на природата и ја изразуваат својата силна решителност и институционална кохезија во насока на заштитата на извонредните природни вредности на Охридското Езеро. Уште повеќе, во поддршка на процесот за повторно прогласување, општините се согласуваат Општина Охрид да ја презентира Студијата за валоризација на Охридското Езеро до советот на општина Охрид, за одобрување и последователно доставување до Министерството за животна средина и просторно планирање.
Студијата за валоризација на Споменик на природата-Охридско Езеро е предадена на општините Охрид, Струга и Дебрца со цел усвојување од страна на нивните совети и формално доставување до нас за отпочнување на постапката за повторно прогласување на Охридско Езеро за заштитено подрачје во согласнот со Законот за заштита на природата. Но, во оваа наша мисија единствен начин да ја постигнеме поставената цел е заедничко, здружено делување, а особено воспоставување соработка и добра координација на локланите самоуправи, рече министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини.
Идејата на оваа Студија и прогласувањето е дефинирање на следен чекор на управување со езерото, да се овозможи еден оддржлив развој во склад со природните вредности на езерото, истакна директорот на Регионалната канцеларија на Меѓународната унија за заштита на природата за Источна Европа и Централна Азија, Борис Ерг. Според него, за ефективно управување со езерото и заштита на неговите извонредни природни вредности, клучна е заедничката визија на Министерството за животна средина и просторно планирање и трите општини околу Охридското Езеро, како и поддршката и соработката на граѓанските организации.
Потпишувањето на изјавата ќе обезбеди висок степен на заштита на исклучителната универзална вредност на регионот, рече градоначникот на општина Охрид, Константин Георгиески.
Документите на кои денес ставаме потпис се основа за донесување развојни одлуки од сите засегнати страни со што се обезбедува рамнотежа меѓу заштитата на доброто и негово искористување. – истакна Георгиески.
Сакаме да го зачуваме, но и да го искористиме Охридското Езеро, рече градоначалникот на општина Струга, Рамиз Мерко.
Може бев и против многу мерки кои треба да се преземаат во интерес на заштита на Охридското Езеро, но не против мерките, туку против ограничувањата кои навистина го уништуваат ова природно богатство. Многу пати сме наишле на интереси кои се и од економска природа. Потребно е со постепени активности да го заштитиме езерото, за да не ја уништиме економијата и туризмот. Бидејќи беа прифатени доста наши сугестии во овој поглед, како локална самоуправа го поддржуваме овој проект. – рече Мерко.
Со потпишување на оваа изјава целиот тој процес на репрогласување на Охридското езеро за споменик на природата и неговата заштита, ќе го подигнеме на повисоко ниво, потенцира градоначалникот на Дебрца, Зоран Ногачески.
Тоа не значи дека ние како општини и во изминатиот период не сме превземале активности за заштита на Охридското езеро, но сега сакаме да испратиме една заедничка порака и до централната власт и до меѓународните власти дека сме спремни заедно со една соработка помеѓу сите да ги реализираме сите активности и препораки кои ги дава и Унеско во однос на заштита на Охридското езеро.
Студијата за валоризација за Охридското Езеро е изработена во рамките на проектот „Зачувување на биолошката разновидност преку креирање и ефективно управување со заштитените подрачја и интегрирање на биодиверзитетот во планирањето на употребата на земјиштето“, кој е финансиран од Глобалниот фонд за животна средина (GEF) и имплементирана од Регионалната канцеларија на Обединетите нации за животна средина (UNEP) во Виена. Главен партнер и корисник е Министерството за животна средина и просторно планирање на Северна Македонија (МЖСПП). Регионалната канцеларија на Меѓународната унија за зачувување на природата за Источна Европа и Централна Азија (IUCN ECARO) беше ангажирана да го координира процесот на подготовка на клучните документи во однос на две заштитени подрачја во С Македонија, од кои едниот е нацрт Студијата за валоризација за Охридското Езеро, како поддршка на иницијатива за неговото повторно прогласување.
На настанот на градоначалниците им беа врачени сертификати за заштитата на Студенчишкото блато и неговата номинацијата заедно со Охридското Езеро за Рамсар подрачје, кое годинава беше запишано на Светската Рамсар Листа.
Н.С.Ј.
фото. А. Момироска