Советот на општина Охрид на денешната седница со 13 гласа „За“ и 7 „Против“ ја усвои Одлуката за условите и начинот на градба во населбата Лагадин, или таканаречен менаџмент план.

Опозицијата со низа забелешки до предлагачот – локалната самоуправа, дека усвојувањето на овој, инаку основен општ урбанистички план, е со цел да се отвори пат за изградба на најавената медитеранска плажа, за која, како што беше истакнато, има негативно мислење меѓу граѓаните од ова населено место.

Во планот крајбрежјето е обележано со знакот „Д“, што значи спорт, рекреација, односно плажи. После носењето на овој акт ќе може да се впише плажа. Првенствено за тоа не се консултирани жителите на Лагадин, кои се пожалија дека наидуваат на бојкот од општина Охрид. Неофицијално плажата која е предвидена да се гради на овој простор ќе биде во самото езеро. – изјави советникот од ЛДП Дејан Блажески.

Советниците од опозицијата притоа посочија дека локалните жители поднеле и петиција против реализација на ваквата идеја која се игнорира од надлежните институции. Тие побараа, но не добија одлагање на оваа точка од дневниот ред, посочувајќи дека е добро пред донесување на вака битни одлуки да се чуе мислењето на локалната заедница, како и на стручните лица.

Јавноста треба да знае дека повторно е прекршен деловникот за работа на советот, бидејќи материјалите за оваа точка ни се доставени дури вчера, а не како што е предвидено со актот, седум дена пред седница, и истата е ставена на дневен ред. Некако тајно и мистериозно би рекол ги донесуваат ваквите круцијални одлуки кои ги засегаат граѓаните во Лагадин без да се запознаени што се планира на тоа место. На некого му текнало во рамки на локалната администрација ајде ќе донесеме општ акт со кој се регулира градењето до носење на урбанистички план. Што сега таму ќе се гради ние тоа во општиот акт не можеме да го видиме. – истакна координаторот на советничката група на СДСМ Јован Стојаноски.

Од Локалната самоууправа со став дека овој план се носи за да се определат рамките и условите на градба во населбата, со што се задоволуваат потребите на локалното население.

Урбанистички акт за Лагадин е најнизок акт при урбанистичко управување, а се носи со цел луѓето да може да си ги остварат своите права кои произлегуваат од процесот на урбанизација.- рече секретарот на општината Димитар Спасески.

Што се однесува до најавата за изградба на плажа во населбата, Спасески додадет дека истата е во интерес на развој на туризмот и на мештаните и дека иницијативата има силна поддршка од локалното население, освен од, како што беше речено, некои лица кои наводно не биле од Охрид.

-Кај Лагадин министерството за транспорт ја заврши тендерската постапка за избор на фирма која ќе гради уште една слободна плажа во Охрид уредена според сите модерни стандарди. Планот кој денес се разгледува ја доби согласност од Министерството за животна средина од секторот за води кој е исклучиво надлежен да дава мислење во однос на еколошкиот аспект на проектот. Линијата која треба да биде на 50 метри од нивото на водата е внесена во планот и не гледам проблеми. За кои еколошки стандарди зборуваат? На тој потег десеттина луѓе кои не се од Охрид го користат тој дел со свои приватни маси и столови цело лето. – изјави Спасески, додавајќи дека до него не пристигнала петиција од жителите на Лагадин.

Инаку, советот на денешната седница едногласно ја усвои одлуката за отворање Центар за аутизам во ОУ „Братство и Единство“. Како што беше кажано постоечкиот центар за грижа на лица со посебни потреби во училиштето со средства на општината ќе се преадаптира и прошири на површина од 210 метри квадратни, а министертсвото за труд и социјална политика ќе го опреми и ќе обезбеди кадар за истиот.

Г.М.