161На педесет и третата седница, одржана денеска, Советот на општина Охрид, го усвои Буџетот на локалната самоуправа за 2021 година, кој е проекторан на амбициозни 685 милиони денари, 33 милиони повеќе во однос на минатогодишниот.
Според предлагачот, буџетот е развоен и ги отсликува потребите на градот и охриѓани.
Вкупните приходи од предлог буџетот се проектирани во износ од нешто повеќе од 1, 2 милијарди денари додека приходите на основниот буџет се проектирани во висина од 685 милиони денари. Буџетот планира рекордни 98,7 милиони денари за реконструкција на улиците „Јане Сандански“, „7 ноември“, „Будва“, „Прилепска“, „Славеј Планина“ и други улици во Општина Охрид, а, ќе и им се придружат уште „Кеј Македонија“ и „Македонски просветители“, за кои средства се обезбедени од Владата на Северна Македонија и од Светската банка. Планирано е продолжување и уредување на речни корита, на велосипедска инфраструктура, како и уредување на старите и изградба на нови детски игралишта. Дел од средствата во буџетот се планирани за локален економски развој и развој на туризмот, преку субвенции на неколку категории како што се занаетчии, општинскиот линиски превоз и различни туристички дејности. – изјави градоначалникот Георгиески.
Според опозициската ВМРО ДПМНЕ, планираниот буџет за 2021г. од 685.716.000 денари, е нереално висок.
Ова дотолку ако се има предвид дека минатата година, ова време, кога не бевме свесни што не очекува во 2020г. беа испланирани 652.072.000 (33 милиони денари помалку од сега) за со ребаланс да бидат намалени на 548.300.000 денари. Сега кога е извесно дека 2021 нема да биде лесна, кога и официјално имаме кризна состојба до јуни 2021, ние планираме буџет повисок за 137 милиони денари од остварениот оваа година, за кој времето и ребалансите што ќе следат ќе покажат дека е реално неостварлив. – истакна на прес конференција Гордана Коњаноска, координатор на советничката група на ВМРО ДПМНЕ.
Според Коњаноска, значајни износи на средства се планираат за ставки кои не се прецизно испланирани. Со цел подобрување на буџетот, додаде таа, советничката група на ВМРО ДПМНЕ предложила амандмани кои ги дополнуваат и допрецицизираат понудените предлог-програми, кои, пак, според градоначалникот Георгиески се небулозни.
Советот денеска ги усвои програмите за работа на одделенијата и секторите на локалната самоуправа за 2021, како и програмите за работа на јавните претпријатија, Противпожарната единица Охрид и други служби под ингеренции на општината за следната година.
Г.М.