Сите возачи во државата, без разлика дали патуваат во странство или не, ќе плаќаат за зелен картон при регистрација на возилата, предвидуваат новите закони.
Според статистиката, во моментов над 100.000 возачи или околу 30 отсто од вкупниот број годишно вадат зелен картон, а со измените уште две третини од возачите ќе треба да го сторат истото.
Измените на Законот за осигурувањето најверојатно ќе стапат на сила во наредната година, но никој засега не знае дали тоа драстично ќе ја зголеми цената на регистрацијата ако се земе предвид дека само за автомобил годишен зелен картон чини 160 евра.
Од измените најмногу стравуваат граѓаните што не патуваат во странство. Тие сметаат дека доколку зелениот картон ја поскапи регистрацијата ќе се зголеми бројот на нерегистрирани возила. За разлика од нив дел од такси-компаниите и автопревозниците сметаат дека со спојувањето на трошоците за зелен картон и регистрацијата ќе се намалат вкупните годишни давачки за таа намена. Во Македонија, годишен зелен картон за автомобил чини 9.785 денари, а за камиони и автобуси цената е 27.500 денари.
М.П.