Тропската клима во главниот град ја примора „зелената“ експедиција „спас“ за добри подготовки пред натпреварите во Лигата на Европа да бара во Охрид. Атмосферата во тимот од „Автокоманда“ е одлична, а таа ја пресликуваат на напорните тренинзи.


– Топлото време во Скопје не дозволува подготовки какви што сакаме. Во Охрид имаме идеални услови. Временските прилики и добрата кондиција на теренот ќе ни овозможат одлични подготовки за натпреварите во Лигата на Европа кои не очекуваат. Од тука ќе го дознаеме противникот во првото коло од Лигата на Европа и потоа дополнително ќе ги збогатиме нашите припреми – рече Захариевски.

Пред почетокот на сезоната првиот човек во стручниот штаб од Металург, Захариевски се ослободи од неколку фудбалери. Испразнетите места во екипата популарниот „Зрле“ ќе ги пополни со повратниците во тимот.


– Немаме некои планови за засилувања од страна. Наша нова свежа крв ќе бидат повратниците од позајмиците Каланоски и Џинов и заздравувањето на повредените фудбалери Трајкоски и Ристески. Ако доведеме некое ново име тоа ќе биде мошне квалитетно, но времето ќе покаже – посочи Захариевски.

Меѓу постарите фудбалери на Металург на собирот во Охрид можеше да се видат и доста млади фудбалери. „Зелените“ минатата сезона беа неприкосновени во младинската конкуренција освојувајќи го шампионатот и трофејот во купот.


– Младинската школа на Металург покрај титулите во првенството и Купот произведе доста фудбалери кои допрва треба да го покажат својот квалитет. Ние ќе продолжиме со работа како и досега и во иднина ќе продолжиме да ја храниме првата екипа на Металург. Греота е во вакви услови како што имаме ние да купуваме фудбалери кои доаѓаат надвор од државата – истакна Александар Васоски.

Металург закажа контролна средба на 27 јуни со освојувачот на Купот на Македонија, Тетекс, кој исто така во Охрид ќе се припрема за натпреварите во фудбалска Европа.

Мх.П.