Со цел унапредување на одржливоста и корпоративната општествена одговорност и да го прослави Меѓународниот ден на волонтерството, 5-ти декември, ТАВ Македонија, операторот на двата македонски аеродроми и подружница на ТАВ Аеродроми, организираше активности за садење дрва во заедниците каде што работи – Општина Илинден и Општина Охрид.

35 чинари засадени покрај Охридското Езеро. Фото: А. Момироска

Под слоганот – „Садиме денес, за одржливо утре“, волонтери – вработени на аеродромите во Скопје и Охрид со кои стопанисува ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми, засадија дрва како проактивен потег со цел да го зголемат своето зелено влијание, како дополнување кон напорите за одржливост и да го прослават Меѓународниот ден на волонтерството, 5-ти декември.

Триесет и пет дрва од видот „чинар“, денеска беа донирани на Град Охрид од ТАВ Македонија и засадени покрај Охридското Езеро од страна на волонтери-вработени на охридскиот аеродром, со цел да се збогати зеленилото на пешачката патека од плажата Куба Либре до плажата Горица.

Неизмерно сме горди на посветеноста и ентузијазмот што го покажаа нашите вработени. Практичната активност не само што има позитивно влијание врз животната средина и локалните заедници, туку и помогна да се поттикне тимскиот дух и заедничкото чувство за цел. Оваа иницијатива е моќен потсетник дека секоја акција, без разлика колку е мала, може да придонесе за поголема, позитивна промена. ТАВ Аеродроми е посветена на создавање одржливи решенија и среќни сме што ќе може да го следиме влијанието на овие новозасадени дрва. – изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.

Еколошките и волонтерски активности за садење дрва ТАВ Македонија ги организираше и ги спроведе со поддршка на Општина Илинден и градоначалникот Александар Георгиевски и Општина Охрид и градоначалникот Кирил Пецаков. Јавните комунални претпријатија „Илинден“ и „Охридски комуналец“ помогнаа со подготовка на почвата и теренот за засадување на дрвјата. Во акцијата волонтерски учествуваа и вработени во Општина Охрид од секторот за заштита на животната средина и управување со отпад.

Со овие две еколошки и волонтерски активности, организирани за да додадат вредност на локалните заедници каде што се наоѓаат аеродромите во Скопје и Охрид, ТАВ Македонија уште еднаш ја потврди својата посветеност на зелените донации предводени од волонтерите од својот персонал. Иницијативите за одржливост на ТАВ Аеродроми ќе продолжат, како и посветеноста на групацијата да обезбеди идните генерации да наследат поздрава, поодржлива планета, велат од компанијата.

Г.М.
Фото: А. Момироска