Во јуни  наредната година во Охрид ќе биде потпишана платформата за делување за Регионалната парламентарна зелена лоби група, на што заеднички работат невладините организации „4џ4“ во Македонија, Албанија, Бугарија и Србија.


Иницијативата за формирање на парламентарна зелена лоби група  ги  опфаќа Македонија, Албанија, Бугарија и Србија, а согласност за учество има дадено и Црна Гора. Целта е да се формира заедничка регионална парламентарна зелена лоби група која преку заеднички проекти ќе  привлекува средства од европските фондови од областа на заштитата на животната средина, одржлив урбан развој и инфраструктурни проекти за здрава животна средина.

„Постојат огромни европски фондови наменети за оваа проблематика, наше останува да научиме како да дојдеме до нив, и преку поврзување истите да можеме ефикасно да ги искористиме“, изјави за Охриднењс, пратеничката Лилјана  Поповска.

Според Душко Христов од невладината организација „4×4“, постојат т.н. жешки еколошки точки во регионот, како што е Охридското, Преспанското Езеро, Сливот на Црн Дрим, кои бараат заеднички ангажман за нивно решевање. „Целта  на платформата е нашите пратеници кога ќе лобираат надвор од државата за решавање на некој проблем да настапуваат регионално, односно зелната тема и одржливиоот урбан развој мора да се решава“, рече Христов.

За иницијативата за формирање и поддршка на првата регионална парламентарна зелена лоби група во Охрид викендов разговараат седумдесетина претставници од Македонија и Албанија. Во работата на семинарот партиципираат и 8 пратеници од македонското Собрание и тројца нивни колеги од албанскиот Парламент.

Г.М.