Генералниот секретар на Владата Мухамед Зекири денеска на својот фејсбук профил објави дека поднесува неотповиклива оставка од функцијата.

Почитуван претседател на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски. Низ мојот работен век секогаш сум го одбирал вистинскиот пат, патот на чесноста, праведноста и вистината. На овие мои животни вредности сакам да останам доследен. Затоа, како човек со личен интегритет, ја поднесувам мојата неотповиклива оставка од функцијата Генерален секретар на Владата на Република Северна Македонија, напиша Зекири.

Тој напомена оти верува во институциите на системот, во правичноста и праведноста и верува дека вистината ќе излезе на виделина. Како што истакна, на сите институции им стои на располагање во секое време, за да ја докаже својата невиност.

Ја почитувам одлуката на Мухамед Зекири да се повлече од функцијата. Тоа е акт на политичка одговорност. Владата во најскоро време ќе започне постапка за избор на нов генерален секретар, изјави за МИА премиерот Димитар Ковачевски.

Досега во Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) нема пристигнато никаква пријава од кого било, ниту анонимна, ниту од познат пријавител, во врска со генералниот секретар на Владата, Мухамед Зекири, така што за сите нас ова беше новина, изјави денеска претседателката на Антикорупција Билјана Ивановска.

Оставката на Зекири уследи откако Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба „за спроведување истражна постапка против двајца хрватски државјани и висок функционер во Владата на РСМ во својство на службено лице, осомничен дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување“.

Обвинителката Вилма Рускоска денеска изјави дека предметот за истрагата за проневера која е покрената против Зекири и уште двајца хрватски државјани, Обивнителството го добило во втората половина на 2021 година.

Судија на претходна постапка, од Кривичниот суд – Скопје, издаде наредба до надлежната полициска станица за спровод на Зекири.

По добивање на предлогот, во Законски предвидениот рок судија на претходна постапка, согласно одредбите од ЗКП издаде наредба до надлежната ПС за спровод на осомничениот и тоа на единствената адреса посочена во предлогот.  Откако, осомничениот ќе биде изведен пред судијата и ќе се произнесе во однос на предлогот на Јавниот обвинител ќе биде изготвено решение за кое странките и јавноста ќе бидат благовремено известени, велат од Кривичен суд – Скопје.

Основното јавно за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК), до судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор против Мухамет Зекири заради постоење основано сомнение за сотрено кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување.

OhridNews