Со традиционални обичаи, национални специјалитети и стари турски песни од охридскиот крај, во присуство на голем број гости, здружението за промоција на хуманитарни, културни, образовни и еколошки вредности, „Синан Челеби“, синоќа го одбележа првиот роденден.

Пред присутните поздравно обраќање имаше претседателката на здружението, Хвза Реџеп Каќел, која се осврна на работата и активностите во изминатата година.

 

За само една година здружението „Синан Челеби“ реализираше повеќе хуманитарни проекти, донираше помош за детското одделение при специјалната болница „Св. Еразмо“, им помагаше на социјално загрозените во Источна Македонија, работеше на подигање на еколошката свест на најмладите и секако ги негуваше традиционалните вредности. Во тој контекст здружението промовираше брошура со рецепти кои се подготвуваат од Османлиско-турскиот период.

Здружението ги негува ликот и делото на големиот великодостојник Синан Челеби, кој потекнува од познатото охридско семејство Охризаде. Тој е исклучителна историска личност кој изградил голем број јавни објекти во времето кога живеел, ги помагал сиромашните преку народната кујна која ја отворил на Имарет, денешен Плаошник, која им служела како на муслиманите, така и на христијаните. Тој прецизно го попишал целокупниот имот во охридско и струшко, а неговото вакафнаме – завештание испишано на 6 метри долга хартија неговите наследници грижливо го зачувале шест века.

OhridNews