“ Со овој марш сакаме да ја поткренеме патриотската свест, да го претставиме градот Охрид и удостоиме одбележувањето на годишнината од Илинденското востание во 1903 година” , рече претседателот на здружението “ Христо Узунов” , Никола Шишкоски. Тој истакна дека годинава, маршот има меѓународен карактер. На нашите членови од „Христо Узунов“ ќе им се приклучат и членови на македонските друштва „Илинден“ од Тирана- Албанија и „Тоше Проески“ од Качарево кај Панчево- Србија, рече Шишкоски.
Почетокот на манифестацијата „Илинденски марш од Охрид до Крушево“ ќе започне на 28- ми јули со традиционалната молитва во црквата „Света Троица“ во населбата „Радојица Новичиќ“ во 17 часот, а поаѓањето ќе биде на 29- ти јули во 03 часот, од улицата „Железничка“.
Градоначалникот Александар Петрески им посака добар пат на учесниците и го истакна значењето на оваа манифестација за Охрид како град со богато историско минато. Петрески ја потенцира и потребата од зачувување на светлите традиции во функција на јакнење на патриотизмот и вистинските вредности меѓу младите генерации и поколенија.
Во знак на целосна поддршка на оваа манифестација, градоначалникот Петрески на учесниците на маршот им врачи финансиска поддршка од Локалната самоуправа и маици со лого на Здружението и градот Охрид.