На иницијатива на Координативниот кризен штаб на општина Охрид, денеска се одржа работен состанок на претставниците на општините Охрид, Струга, Вевчани Дебрца, заедно со раководителите на здравствените установи од регионот и заменик министерот за здравство Арслани, на кој беше усогласен протокол за функционирањето на здравствениот систем во услови на актуелната криза предизвикана од коронавирусот Ковид 19.
На состанокот договорено е здравствените работници од Охридскиот и Струшкиот регион заеднички да се справуваат со пандемијата која сериозно го оптовари здравствениот систем, што предвидува своевидна регионализација на здравствените капацитети од четирите општини.
Иницијативата доаѓа по случајот со пациентката од село Татеши, поради кој беше спроведена истрага во Инфективното оддление во општата болница во Охрид, што според градоначалникот на Охрид Константин Георгиески, само ја потврдува потребата од координирано делување.
За да носиме одлуки и за да ги цениме треба да ги знаеме фактите, а треба да се има предвид дека секоја паричка има две лица. Чекаме да се завршат сите процедури и ако навистина било така и пациентите не биле примани и биле враќани, не знам кој може да најде оправдување. Меѓутоа има и случаи на одбивање на хоспитализација, така што да почекаме. – рече градоначалникот Георгиески запрашан за коментар за актуелниот случај кој доведе до смена на директорката на охридската општа болница.
Регионалниот протокол предвидува пациентите инифицирани со Ковид 19 со полесна и средно тешка клиничка слика да се згрижуваат на Инфективното одделние на Општата болница во Охрид, а потешките случаи ќе се префрлаат во Скопје. Исто така се разгледувале можностите на новиот оддел на охридската општа болница како алтернатива во одредени евентуални свенарија.
Министерството за здравство на предлог на Координативното тело на Општина Охрид ќе пристапи кон изработка на план за регионализација, како да се организира и соодветно да се прецизира како ќе функционира здравствениот систем и згриужвањето на пациентите со лесна, средно тешка и тешка слика. Истиот се очекува да биде готов во текот на оваа недела, по што ќе и биде презентиран на јавноста. – истакна градоначалникот Георгиески.
Тој посочи дека Владата и Министерството за здравство одлично ја менаџираат кризата предизвикана од Ковид 19, и дека државата и натаму ќе ги дава насоките на справување со пандемијата, а општините во регионот ќе ги следат и заеднички ќе делуваат.
Третманот на пациентите останува да се уредува согласно сугестиите, протоколите и алгоритмите креирани од стручни лица, појасни заменик-министерот за здравство Арменд Арслани. Тој информираше дека се мобилизирани сите матични лекари во регионот, функционираат пунктовите на терен и внимателно се следи состојбата во регионот, каде се контактирани сите лица кои биле во контакт со заразените, со кои се постапува согласно мерките за справување со коронавирусот.
Направена е експертиза на целиот објект во кој е сместено одделението за Инфектологија во општата болница во Охрид, од страна на стручни лица од Клиниката за инфектологија во Скопје. Ќе се постапува согласно изготвените протоколи и нивните стручни мислења, за тоа каква ќе биде патеката до Инфективното одделение во Охрид. – рече Арслани.
Заменик министерот за здравство рече дека во моментов се разгледуваат повеќе решенија и упати апел до граѓаните да ги почитуваат мерките донесени од институциите за борба против вирусот Ковид 19.
OhridNews