Денес од 19-23 часот на пунктот на Црвен крст Охрид поставен на платото помеѓу Капетанија и ресторанот „Чун“ медицински тимови на Црвен крст Охрид ќе вршат основни здравствени прегледи на оние кои се одлучиле да „скокаат по крстот“.

Апелираме и препорачуваме до „скокачите по крстот“ да ја проверат својата здравствена состојба и се информираат за ризиците и опасностите кои постојат при капење во вода со температура од околу 9 степени, велат од Црвен крст Охрид.

За настанот на осветувањето на водата во Охридското Езеро и скокање по крстот на Градското пристаниште во Охрид утре, посочуваат, Црвен крст Охрид ќе се грижи за безбедноста на капачите во вода и сите посетители на настанот со 5 тимови на спасители на вода распоредени долж градското пристаниште и во спасителни чамци во вода, 2 нуркачки тимови, како и со 6 медицински тимови за укажување прва помош со амбулантско возило, помогнати со медицински тим на Итната медицинска помош со амбулантско возило.

Традиционалната крводарителска акција „Водици 2025“ под мотото „ЕДНА КАПКА МОЖЕ ДА ПРОМЕНИ СЕ’“ во организација на Црвен крст Охрид ќе се реализира утре од 9-15 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“. Ги покануваме нашите сограѓани и гостите да ја покажат својата хуманост дарувајќи крв, а организаторот со поддршка на Дебарско-Кичевската епархија ќе им возврати со должно внимание и скромни подароци, додаваат од Црвен крст Охрид.

OhridNews