Скопјанецот Здравко Дејановиќ во култниот кафе бар „Аквариус“ пред охриѓани ја презентираше својата книга „Како го искачив К2“ посветена за еден од највисоките и пред се најтешките планински врвови за искачување. Тој во период од една година искачи два врвови, односно К2 и Анапурна, но книгата одлучи да му ја посвети на К2.
– На иницијатива од моите пријатели од Охрид решив да ја презентирам мојата книга и да им ги пренесам и во живо моите впечатоци. После искачувањето на К2 се појави во мене потреба сето тоа искуство кое го доживеав да го пренесам вака, односно во една книга иако имав доста гостувања во пишаните и електронските медиуми. Првично немав намера да пишувам книга, бидејќи со мислите бев насочен кон искачувањето на Анапурна, но во меѓувреме се појави желба и решив и напишав. И сега немам намера да пишувам книга за Анапурна, бидејќи фокусиран сум на искачување на К2 во зимски услови, но кој знае што ќе донесе летниот период. – рече Дејановиќ.
Низ презентацијата со слики Дејановиќ истакна неколку битни фактори за добро и успешно искачување на било каков планински врв. – На прво место се временските прилики, бидејќи без добро и поволно време неможеш да искачиш ниту врв од 500 метри, а врвови од 8 000 метри. Потоа се природните предиспозиции на човекот победнички менталитет, психолошка подготвеност, поднесување на висини и недостатоци на кислород, брзо закрепнување и издржливост. На третата позиција доаѓа физичка подготвеност која мора да се негува низ цела година, а потоа аплинистичките вештини и логистичка организираност. – додаде искусниот алпинист.
Охриѓани со љубипотност ја разгледуваа и купуваа книгата во која има што да се прочита и научи за планината која секогаш дозволува да ја искачиш, а не и да ја освоиш.
Мх.П.