-За да се одржува здравјето и имунитетот треба да се води здрав и редовен живот. Тоа значи да се конзумираат големи количина на овошје и зеленчук и што помалку вештачки односно термички обработени продукти. Исто така од големо значење е и физичката активност и секако јакнењето на позитивниот дух. Само така ќе може полесно да се надминат сите стресни состојби, со кои се соочуваме секојдневно и кои се резултат на современиот начин на живот.-рече д-р Гашовска.
Таа нагласи дека имунолошкиот ситем на организмот треба да се зајакнува природно и дека не е препорачливо земање на различни вештачки додатоци, кои се произведуваат во фармацевските компании.
–Не треба да се наседнува на рекламите кои постојано ги гледаме по медиумите и во кои се рекламираат препарати наменети за зајакнување на имунитетот. Купувањето на тие препарати според мене се залудно потрошени пари. Значи здравјето треба да се бара на зелените пазарчиња или уште подобро во семејните бавчи, доколку ги имате, а не како што најчесто знаеме да го бараме во аптеките.-нагласи Гашовска.
Таа објасни и дел од медицинската теорија поврзана со имунитетот кај човековиот организам и детали околу неговото формирање и одржување во сите фази од живот.
-Имунитетот во човечкиот организам се белите крвни зрнца од крвта и посебни клетки од организамот кои продуцираат тела со заштитна функција. Најважни состојки, од имунолошки систем се секогаш материи од белковинска природа. Тие се одговорни за одбранбената моќ на организмот. Тие се толку добро „обучени“ да ги препознаваат штетните агенси односно секој предизвикувач на болест, бактерија, вирус, хемиска супстанца или отров-објасни Гашовска.