Потполно исцрпен, американскиот водител Ал Рокер денес го завршил својот маратон во водење метеоролошки извештај во директен телевизиски пренос. Соработникот на мрежата NBC, зборувал за времето полни 34 часа без престан. Со тоа го соборил досегашниот рекорд од 33 часа кој во септември го поставила норвешката водителка Ели Кари Гјенгедал и се запишал во Гинисовата книга на рекорди.
Благодарение на овој подвиг собрани се 70 илјади долари во добротворни цели. Како што пренесуваат агенциите, водителот за заблагодарил на својот тим, но и на мајката природа, која со активното ладно време на САД го направила неговиот извештај да биде интересен за гледачите. На прашањето на колегите дали и следната година ќе се обиде да го собори својот рекорд, Рокер одговорил дека тоа го сторил еднаш и никогаш повеќе.