Во Охрид деновиве се снимаат нови продолженија од серискиот филм „Збогум Румелија“. Сцените се снимаат во стариот дел на Охрид и чаршијата, а дел од атмосферата забележа нашата екипа.
ЗБОГУМ РУМЕЛИЈА е ТВ серија во режија на познатиот турски режисер Сердар Акар, а продуцирана од Адам филм од Турција и Сектор Филм од Македонија. На овој проект ангажирана е техничка и актерска екипа од мешан состав, од Турција и Македонија.
Снимањето започна во Август 2007 година, а во моментов се работи на 66 тата епизода од втората сезона. Серијата се прикажува еднаш неделно на турската национална АТВ телевизија, и претставува вистински хит во Турција, според рејтингот на гледаност, секоја епизода ја гледаат по 30 милиони гледачи.
Кратка содржина на ТВ серијата „ЗБОГУМ РУМЕЛИЈА“
„Во 1899 година, Отоманската Империја веќе ја губи својата надмоќ на Балканот, а нејзиното распаѓање, по 500 години владеење, се одразува врз животот и судбината на народот од различен етнички состав што живеел на овие простори, кои турската администрација од тоа време ги нарекува Румелија. Трагедијата на Империјата и нејзиниот крај се претвораат во нов почеток за главниот лик на серијата ’Збогум, Румелија‘. Приказната е сместена во близина на Битола и го следи животот на сиромашниот турски селанец – млекарот Рамиз и неговото семејство. Како што Османлиската империја се повлекува од Балканот, така и Рамиз е принуден да ги напушти румелиските простори, да биде преселен, за да продолжи понатаму“.
Оваа куса приказна, преточена во долго сценарио на телевизиската серија „Збогум, Румелија“, беше доволен мотив за нова преселба еден век подоцна на цела турска артистичко-телевизиска „колонија“, која веќе цела година снима на локации во Битола, мариовските села Маково, Ореово, Орле, а понекогаш и во Охрид, кој го „глуми“ Истанбул.