На 14-ти септември Градскиот театар од Охрид премиерно ќе ја изведе претставата „Среќни денови“ од Семјуел Бекет, во режија на Градимир Гојер. Ова е уште еден обид за заживување на професионален театар во Охрид.

Ова е четвтри пат како се обидуваме да го заживееме театарот во овој град. Секако потребна е поддршка од Министерството за култура и од Локалната самоуправа, кои постојано даваат ветувања, меѓутоа не ги реализираат, рече на денешната прес конференција, познатиот театарски работник Благоја Стефаноски. Тој потенцираше дека Охрид го има потребниот капацитет за реализирање на ваквата идеја, посочувајќи дека во градот има повеќе дипломирани актери и режисери. Тоа, според Стефаноски, ќе биде позитивно и за фестивалот „Охридско лето“, затоа што, како што рече „нема успешен фестивал без базична установа како што е театарот“.


Актерот и режисер Горан Стојаноски, истакна дека она што можат да го направат театарските работници е веќе реализирано.

– Набавена е потребната опрема, има и кадар и сега на потег се Локалната самоуправа и Министерството за култура. Се надевам дека во многу блиска иднина тие ќе го препознаат овој потфат за заживување на театарот како професионална установа, што е насушна потреба и за граѓаните на Охрид, рече Стојаноски. Тој најави дека до крајот на годината Градскиот театар ќе изведе вкупно пет претстави и изрази надеж дека во блиска иднина ќе се воспостави редовен репертоар.


Претставата „Среќни денови“ е копродукциски проект на „Градски театар“„Мал драмски театар“ од Битола, „Народно позориште“ од Сараево и Центарот за култура „Григор Прличев“ од Охрид.

Оваа претстава во Македонија се поставува по четврти пат- истакна режисерот Градимир Гојер, кој во суперлативи зборуваше за охридската актерска екипа.

– Ова исклучително, комплексно театарско парче на еден од најголемите драмски писатели на 20 век, го играат само големи актерски имиња, а не просечни актери и затоа им се поклонувам на моите соработници. Претставата „Среќни денови“ зборува за инвалидитетот како метафора на времето во кое живееме. Ова дело не се изведува секојдневно на европските простори и се надевам дека нашата претстава нема да ја остави публиката рамнодушна,  рече режисерот Гојер.

Премиерата на претставата „Среќни Денови’  ќе се игра на малата сцена  во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид. Главната улога ја толкува Јасмина Билаловиќ, а во претставата  глуми и актерот Горан Стојаноски. Уметнички соработник за музика и аудио ефекти е Стрезо Стаматовски, сценографијата е на Драган Анѓелковиќ, а костимографијата на Марија Папучевска.

Т. Кувенџиска