За околу 300 000 ученици во основното и средно образование денеска завршува школската година и започнува летниот распуст.

За дел од нив, претсои полагањето Државна матура, додека оваа година нема да има екестерно тестирање. Неизвесно е дали оваа реформа ќе почне да се практикува откако Уставниот суд поведе постапка за нејзино оценување. Учебната 2008/09 ќе остане запаметена по бројните турболенции во образованието, штрајкот на учениците и на наставниот кадар. Првите беа против екстерното оценување, а вторите бараа повисоки плати.

Оваа школска година ќе се памети и по неуспешниот старт на Веронауката. Откако беше воведена во месец октомври, со одлука на Уставниот суд таа беше укината пред крајот на школската година што предизвика поделени реакции во јавноста.

Во Охрид оваа школска година мина без проблеми и во знак на добрите резултати на учениците на натпреварите по знаење и друго. Последниот успех се случи на неодамна завршената 45-тата Државна смотра на младите истражувачи на Република Македонија  во Велес, каде ученикот Александар Лазаревски од  II  година Гимназија под менторство на професорката по информатика Жаклина Лазаревска го освои првото место со темата “ITKLUB.COM“ од  областа Информатика – образовен софтвер.

За разлика од Охрид во Струга и оваа учебна година измина во знак на етничките поделби, конфликти и бојкот на наставата во средношколските центри. Состојбата се обидува да ја смири и меѓународната заедница откако локалната самоуправа и државата не покажаа доволно капацитет за решавање на повеќегодишните образовни проблеми во градот на Дрим.

Ohridnews