Политичките партии, коалициите и независните кандидати ги трошат последните часови од кампањата пред локалните избори што ќе се одржат во недела, 15-ти октомври. Кампањата завршува вечерва на полноќ, кога започнува предизборниот молк, кој ќе трае до завршување на локалните избори во недела до 19 часот.
Вообичаено на последниот ден од кампањата најавени се бројни активности на кандидатите за градоначалници и советници на Охрид. Двете најголеми партии и нивните коалиции, СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, за денеска најавија по две прес конференции. Дополнително СДСМ вечерва токму во Охрид ќе го одржи завршниот митинг на кој ќе се обрати лидерот и премиер Зоран Заев, како и кандидатот за градоначалник од оваа партија проф. д-р Јован Стојаноски и носителот на листата на советниците д-р Коста Георгиески. Митингот што ќе се одржи на градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“ започнува во 20.30 часот. Покрај митингот во Охрид, Коалицијата за подобар живот денеска ќе одржи средби со граќаните на Струга, Вевчани и на Дбрца.
Коалицијата За подобра Македонија предводена од ВМРО ДПМНЕ ќе одржи завршен митинг во Скопје.
Гласачките места во Охрид во недела ќе бидат отворени во 7 часот. Во Единствениот избирачки список запишани се вкупно 52.833 граѓани, без лицата кои се во затвор и притвор, а кои ќе гласаат утре заедно со болните и изнемоштени лица. Гласањето во Охрид ќе се одвива на 88 избирачки места.
Во општина Дебрца покрај локалните избори во недела ќе се одржи и референдум за изградба на регионална депонија во с. Годивје. Во општина Дебрца право на глас имаат 4632 лица.
Вториот круг од локалните избори, онаму каде што ќе има потреба, ќе се одржи на 29-ти октомври.
OhridNews