Во рамки на џез викендот што се одржува на годинешното Охридско лето, вчервечер, на сцената Долни Сарај наспатија Хели Сиекинен од Финска со камерен оркестар и Т.А.О. бенд од Данска, придружени од гудачки квартет.
Џез-викендот ќе биде заокружен со вечерашните два концерти– Проектот „Хајдавеј“ на Ксантон Блек и Мајкл Печис Стјуарт и вториот концерт на Лери Дан со пријателите.
Претставникот на уникатната музичка сцена на Њу Орлеанс – Мајкл Печис Стјуарт и Ксантон Блек-соработникот на Ејми Вајнхаус, Лаура Мвула и Џејсон Ребело, чии музички корени се во Нигерија, преку Проектот „Хајдавеј“ се споени во уникатно музичко патување со мелодии од нивните родни места, патување исполнето со џез, Р&Б, афробит и фанк.
Печис Стјуарт е дел од онаа генерација џез-музичари која ги зема оригиналните фанк, џез и соул основи и со неговиот инструмент (труба) ги претвора во мноштво нови и „свежи“ музички видувања. Преку неговите соработки со великаните како Ал Џероу, Маркус Милер и др., Печис го става својот уникатен музички печат во музичката историја.
Ксантон Блек е по потекло од Нигерија и ги внесува неговите африкански корени во музиката што ја создава. Тоа е успешен спој на старото со новото, фанкот и африканската музика. Преку соработката со Ејми Вајнхаус како нејзин клавијатурист, Ксантон Блек го поминал светот на турнеи со оваа мега-ѕвезда.
Завршницата на овој џез викенд што на „Охридско лето“ беше реализиран како замисла за збогатување на програмата на фестивалот со музичко-уметнички збиднувања замислени да ги комплетираат уметничките доживувања на се поразличната фестивалска публика, припаѓа на Лери Дан, човекот кој е заслужен за трансформацијата на групата „Earth, Wind & Fire“ во еден од најуспешните бендови во светот, со продадени повеќе од 100 милиони албуми, со седум награди „Греми“ и 13 номинации, четири американски музички награди, 32 платинумски плочи и ѕвезда на холивудскиот булевар.
OhridNews