Пред Основниот суд во Охрид денеска заврши процесот што се води против адвокатот Тони Менкоски, против кого беше покренато обвинение за нарушување на јавниот ред и мир, со тоа што лично тој ја презеде одговорноста за поставување на знаме со сонцето од Кутлеш во центарот на Охрид за празникот Богојавление.
На денешното рочиште не се појавија уредно поканетите четворица претставници на МВР, односно четворица раководители на полицијата, од каде беше покрената и прекршочната пријава за поставувањето на знамето, како дело според кое се истакнува „знаме или грб кој не ги содржи обележјата утврдени со закон“.
Од тие причини, судијата Милчо Клишески кој го води предметот реши рочиштето да се заокружи со изнесување на доказниот материјал и со завршна изјава на обвинетиот.
Во завршното обраќање пред Судот, обвинетиот Менкиноски рече дека не се чувствува виновен за делото за кое се товари, дека ниту се оден закон или меѓународен акт не е забрането истакнување на односното знаме.
Менкиноски уште истакна дека независно каква ќе биде одлуката на Судот, тој ќе продолжи да го истакнува македонското знаме со сонцето од Кутлеш и во иднина е работи на враќање на тоа знаме како национално и официјално одбележје на државата Македонија.
Со завршниот исказ на обвинетиот заврши процесот по предметот, а судската одлука ќе биде соопштена дополнително.
Инаку, Менкиноски ја презеде одговорноста за поставувањето на големо 40-метарско знаме со македонското сонце на првиот ред од Самоиловата тврдина во центарот на Охрид, за верскиот празник Водици
Основниот суд во Охрид на 29 јануари оваа година донесе ослободителна пресуда по предметот што за истото дело беше покрената против Александар Ѓурчев од Охрид, кој го истакна знамето со сонцето од Кутлеш на ѕидот на Самуиловата тврдина во Охрид, на протестот за поддршка на осудените за настаните од 27 април 2017 година во македонското Собрание.
OhridNews