Работилницата „Преговори за продолжување на ангажманот“ беше една од последните фази во реализирањето на тримесечниот проект за посредување при вработување млади кадри EMY имплементиран преку UNDP Македонија и Секторот за локален економски развој (ЛЕР) – Охрид.

“30 луѓе од Охрид и околината на 16-ти јуни оваа година го завршуваат волонтирањето по соодветни фирми и установи. Со тоа завршува проектот, се надевам успешно“ вели Ана Маневска, координатор на проектот. „Мислам дека повеќе од половината волонтери (можеби 20) ќе успеат да потпишат некаков вид договори за работа што би бил нивен личен успех и успех на проектот“ додава таа.


Се надеваат на квалитетно вработување.
Волонтерите во проектот.

На денешната работилница што се одржа во малата сала на Општината, волонтерите беа информирани за видовите на понатамошна поддршка (нпр. сите добија официјална препорака од градоначалникот Петрески) како и за некои начини на преговарање со работодавачите.

Акцент при презентацијата беше даден на мотивацискиот фактор (плата, флексибилност, комуникација, вреднување итн.) односно правилно оценување и градење можност за квалитетни преговори од страна на волонтерите кон работодавачите.


Општа оценка од волонтерите е дека генерално се задоволни од условите за работа во фирмите каде волонтираат, како и од кординацијата и техничката помош која ја дава Проектот. За иднина се планирани и други проекти, најверојатно врзани за пронаоѓање начини за самовработување.

С. Костоски