Завршија Куп натпреварите во националниот систем на натпревари, во гаѓање со воздушно оружје-меѓународна програма за охридските стрелци со одржувањето на четвртиот куп на стрелиштето Марко Цепенков во Прилеп во организација на Македонската спортска стрелачка федерација.

Во отсуство на најдобри стрелци Јована Милевска и Бојан Спасеновски, а поради смената на нови, помлади генерации, падна и рејтингот на двата охридски клуба- СК „Охрид“ и ЖСК „Лихнидос“, но резултатите се задоволителни со оглед на искуството на подмладокот на клубовите.

Во категорија јуниори на воздушна пушка, најдобро пласиран беше Кристијан Балоски од СК „Охрид” на 4-тата позиција со резултат од 598,0. Во истата категорија Бора Каќел од ЖСК „Лихнидос“ ја зазеде 12-тата позиција со резултат од 561 кругови.

Кај јуниорките на пушка Ива Маленко од СК „Охрид“ се пласира на седмата позиција со резултатод 594,3 круга, а Теодора Спироска од истиот клуб се пласира на 12-тата позиција со резултат од 565.3 кругови. Драгана Локоска заврши како 15-та со резултат од 557.6 круга.

Во категорија пиштол сениори членот на ЖСК „Лихнидос“ Даниел Михајловиќ, се пласира на вицешампионската позиција со резултат од 546 кругови. Кај јуниорите второпласиран беше Климент Мостро од ЖСК „Лихнидос“ со резултат од 537 кругови, односно на 4-тата позиција во севкупен пласман мажи. Иван Милевски од СК „Охрид”, се пласира на 3-тата позиција во јуниорска категорија, односно 10-тата позиција во севкупен пласман мажи. Велибор Балоски од ЖСК „Лихнидос“ се пласира на 8-мата позиција во сениори, односно на 13-тата во севкупен пласман мажи со резултат од 501 круг. На 6-тата позиција кај јуниорите се пласира, Крсте Петрески од СК „Охрид”, односно 16-тата позиција во севкупен пласман мажи.

Во категорија пиштол – јуниорки, Стефани Савеска од ЖСК „Лихнидос“ се пласира на третата позиција, односно на 4-тата во севкупен пласман жени со резултат од 526 кругови. Стефанија Вељаноска, од СК „Охрид”, се пласира на 4-тата односно 5-тата позиција со резултат од 522 кругови. Наталија Савеска од ЖСК „Лихнидос“ се пласира на петтата позиција со резултат од 517 кругови во јуниорска, односно на 6-тата позиција во севкупен пласман жени. Кај сениорките Валентина Гоџоска беше второпласирана, односно 8-мо пласирана во севкупен пласман жени со резултат од 502 круга.

Со рангирањето на стрелците од сите 4-редовни Купа, најдобрите 10 во секоја дисциплина ќе настапат и на Финале Купот што ќе се одржи на 18.11.2023 год на стрелиштето во Битола. Претходно од 3-5.11.2023 год. на стрелиштето Скаптопара во Благоевград ќе се одржи и традиционалниот меѓународен Турнир ,,ПИРИН“ 2023 на кој учество ќе земат 10-тина стрелци од охридските клубови.

OhridNews