Со доделување на наградите, заврши второто издание на „Beach Film Festival“, што изминатите денови се одржа на плажата „Оревче“ во Градиште. Во официјална селекција беа прикажани 5 долгометражни филмови: францускиот „Angel face“ на Ванеса Филхо, турски филм „Pigeon“ на Бану Сивачи, хрватски филм „Аleksi“ на Барбара Векариќ, германски филм „Luz“ на Тилман Сингер и „We“ на Рене Елер.
Жирито во состав: Никола Ристановски – актер (Мкд), Џон Креин – камера (Англ) и Јудита Франковиќ Брдар – актер (Хрв), наградата за најдобар филм ја додели на француски филм „Angel face“, а награда за најдобро актерско остварување што го носи името на проф. Стефан Сидовски – Сидо, ја освоји Ayline Aksoy-Etaix од истиот филм.
Во конкуренција на краткометражни филмови беа прикажани 14 остварувања. Жирито, во состав Јасмина Билаловиќ – актер, Билјана Драгичевиќ Пројковска – актер и кастинг директор и Иван Јовиќ – филмски режисер, првата награда ја додели на грчкиот филм „Patision avenue“ на Танасис Неофотисос, а специјална награда освои македонскиот филм „Готлиб“ на Крсте Господиновски“.
Во конкуренција, пак, на краткометражни филмови изработени од студенти, првата награда ја освои полскиот филм „Мое задоволство“ на Тадеуш Кабиц.
На фестивалот се одржаа и две специјални проекцији: „Господ постои се вика Петрунија“ на Теона Стругар Митевска, со кој беше затворена манифестацијата и норвешко – шведскиот филм „Los bando“ на Кристијан Ло.
Фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм, Општина Охрид, Министерство за култура, „Eu for you“, „Creative Europe Media“ и други, а медиумски поддржувач беше OhridNews.
OhridNews
фото: А. Момироска