Пописот на населението, домаќинствата и становите, поради актуелната ковид криза, се пролонгира од април за септември. Ова е договорено на средбата помеѓу лидерите на СДСМ Зоран Заев и на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, што заврши пред малку во Клубот на пратеници во Скопје. Апликацијата за попишување на дијаспората ќе остане активна до физичкото завршување на пописот.
Како што истакна во изјава за медиумите Мицкоски, со лидерот на СДСМ се договориле да дадат поддршка на измените во Изборниот законок, како што се избори во една изборна единица или друг предлог за кој ќе се согласат политичките партии, набавка и употреба на фингерпринт машини веќе на претстојните локални избори, кои наместо во првата половина, ќе се одржат во втората половина од октомври. За Мицкоски и Заев прифатливо е градоначалниците да се избираат во еден круг, со одреден цензус и да има отворени листи за избор на советници.
Да ги охрабриме групите во Парламентот кои разговараат за измените на изборниот модел, отворени листи, избор на градоначалник во прв круг, гласањето на дијаспората надвор од ДКП-ата, имплементацијата на препораките на ОБСЕ/ОДИХР, рече Мицкоски по средбата..
Лидерите на СДСМ и ВМРО ДПМНЕ се договориле и за деблокада на Собранието и вклучување на опозицијата во изготвувањето на рефорсмките закони поврзани со евроинтеграциите на земјата.
Премиерот Зоран Заев потврди дека се согласил за одложување на пописот, посочувајќи дека во април се очекуваат околу 350.000 вакцини, со што се обезбедуваат услови за масовна имунизација.
Заев додаде дека со Мицкоски постигнале договор и за одблокирање на законите за АВМУ и МТВ, кои се закочени со години, законот за новиот клинички центар, законот за пензионирање, законот за дивоградбите, законите за екологија и законите од европската агенда.
Г. Момироски