Со усвојување на заедничко комунике во кое се наведуваат идните приоритети на Централно-Европската Иницијатива – ЦЕИ, во Охрид заврши состанокот на министри на државите членки на ЦЕИ.
Во заклучоците од конференцијата посебен акцент се става на потребата од интеграција на сите земји од Западен Балкан во ЕУ, економски развој и инфраструктурно поврзување на регионот, што ќе биде една од главните теми на Виенскиот самит кој ќе се одржи во август како дел од Берлинскиот процес.
-Во тој контекст ќе бидат истакнати регионални проекти кои се идентификувани како приоритетни и за кои ќе бидат определени и дел од средствата обезбедени од ЕУ и други финансиски институции, а се однесуваат на енергетски и патни и железнички коридори во регионот.-изјави Никола Попоски – министер за надворешни работи на Република Македонија, која претседаваше со ЦЕИ изминатиот период.
Тема на состанокот била и улогата на НВО секторото и можноста за негово активирање во функција на засилување на евроатлантски интеграции и во рамки на Виенската конференција ќе има и конкретни активности во тој правец кои нашите австриски пријатели ги имаат предвидено, дополни Попоски.
Министрите на државите членки на Централно-Европската Иницијатива, на состанокот што се одржа денеска во Охрид предупредија на проблемот со миграцијата, кој како што беше истакнато, може да се реши само со заеднички пристап на сите европски држави.
-Мораме да имаме една сеопфатна стратегија која ќе ги вклучи земјите од Западен Балкан во таа стратегија за справување со сериозниот предизвик на миграциски движења.-рече Поповски.
Италија која само минатата година прими 180.000 мигранти од Либија ја поддржува иницијативата на Европската комисија за релокација на мигрантите во сите држави од ЕУ, за што не постои консензус во унијата.
-Треба заедно да работиме на проблемот со мигрантите. Доколку им го оставиме само на некои земји, со време проблемот ќе се прошири. Ако денес тоа се Италија, Унгарија и не знам уште кои, следниот пат ќе бидат други, затоа цела Европа мора да го сподели проблемот.- рече Паоло Џентилони – министер за надворешни работи на Италија.
Унгарија која соочена со бран мигранти од Западен Балкан најави можно затворање на границата со Србија смета дека ЕУ не смее да го игнорира проблемот со кој се соочуваат земјите кои не се нејзини членки.
– Нивото на притисок е повисоко од било кога и доаѓа од два правци. Едниот е Медитеранот, а другиот е низ земјите од Западен Балкан. Нашата јасна позиција е дека ЕУ треба да се соочи со двата предизвици, не само со притисокот кој доаѓа од Медитеранот, туку и со миграцијата од Западен Балкан. Решението на овој предизвик не е внатре во ЕУ, туку надвор. Потребен е мир и економска стабилност во регионот кој е соочен со притисок од миграцијата. – вели Петер Сјарто – Министерот за надворешни работи на Унгарија
Земјите на ЕУ не треба да ги затвараат границите туку да се преиспитаат зошто тие се порозни и како стигнуваат мигрантите во Македонјија и Србија, велат министрите од Западен Балкан.
-Согласно тоа ЕУ треба внатре да разгледа механизми како нивните граници се така чуствителни и како поминуваат толкав број мигранти. Ние соработуваме со Унгарија, Австрија и Германија, но и со полицијата и државните органи на Македонија и ова мора да биде заеднички европски одговор. – рече Дачиќ, додавајќи дека не очекува Унгарија да ја затвори границата со Србија поради проблемот со мигрантите.
Министрите од државите членки на ЦЕИ заклучија дека сите земји од Западен Балкан имаат иднина во Европската унија и дека таа иднина ги определува и перспективите на земјите од регионот, но таа треба да биде заокружена со една јасна временска рамка.
Во рамки на министерскиот состанок н а ЦЕИ се одржаа бројни билатерални средби на министерот за надворешни работи Попоски, премиерот Груевски и претседателот Иванов со министри од земјите членки на иницијативата.
Горан Момироски