12 винарии од Слоу Фуд Македонија презентирани на винската сцена на „Slow Wine Fair 2023“. Меѓу нив „Наумчеви“, „Мал Св. Климент“, „Клинчаров“, „Цветановиќ“, „Ерос“, „Изворно“, „Јостела“,„Арабеска“, „Сарика „Иванов“,„Максимилијан“ и „Подрум Параџик“.
На годинешното второто издание на Slow Wine Fair во Болоња- срцевина на знаење, студенти, архитектура и гурманскиот дух (неслучајно ја нарекуваат „Мрсна Болоња“) на „вински мегдан“ во дегустирањето на вината учествуваа- винољупци, ентузијасти, угостители, дистрибутери, сомелиери, професионалци, експерти во секторот, страсни љубители на божјиот пијалок… Нашата татковина во ова одбрано друштво неколкупати беше посочувана како винска земја од земјата на сонцето а голем интерес за македонските вина е резултат на автохтоноста на винските сорти и поволната клима. Големо „да“ за локално семејно вино, но со висок квалитет, велат од Слоу Фуд Македонија.
Сите моди поминуваат, само виното останува – коментираа дегустатори кои уживаа во македонскиот павиљон. Ги интересираа приказните за виното од југот, производителите, квалитетот, што е „Станушина“, каква е земјата што раѓа виолетово грозје.. Индивидуално, ама сплотено, секој на свој начин, како амбасадори на земјата, винарите, вински, скоро витешки ги бранеа боите на Македонија. Привилегија беше да си Македонец на саемот за вино во Болоња, истакнуваат од Слоу Фуд Македонија.
Нашите винари, велат, се едногласни во сознанието дека настанот во многу им помогнал да се споредат со другите, да ги одмерат „силите“, споредат вкусовите, некои од нив почнаа да размислуваат на тема- шампањ, да испланираат- чекор понатаму, и секако да уживаат во интеракција со дегустаторите. Патем, саемот за виното во Болоња беше првиот сериозен чекор кон винскиот туризам, промовирање на автохтоните сорти на грозје и на традиционалните и одржливите техники на производство.
За да направиме револуција во винскиот свет, мора да започнеме од трите главни протагонисти: производителите – за да го поттикнеме растот на лозарството ориентирано кон животната средина, потоа- оние кои го продаваат виното, и оние кои го купуваат. Сè е насочено околу потрагата по автентична одржливост поткрепена со конкретни активности во нашата реалност. Овие предуслови се само појдовна точка, а патот напред е долг, на затварањето на Саемот резимираше Џанкарло Гариљо, координатор на Коалицијата за Slow Wine.
На настанот присуствуваа над 10.000 посетители, од кои половината професионалци од секторот на вино, а во трите дена се промовираа вината од 21 земја, имаше 750 винарии, 4000 етикети, над 300 сертифицирани органски или биодинамични винарии, што во италијанската панорама, поради почитувањето на критериумите на Манифестот на Слоу Фуд (добро, чисто и правично вино) се третира како еден од највлијателните настани што ја обоија Болоња во боите на виното, додаваат од Слоу Фуд Македонија.
Воедно информираат и дека веќе се прават планови за следното издание, а уште одсега се знае дека третиот Slow Wine Fair ќе се случува од 25 до 27 феврури 2024, со напомена дека ќе го следи трендот на растење.
Инаку, настанот се реализира со финансиска поддршка на Министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство и поддршка на Слоу Фуд Интернационал, Болоња Фиере, Амбасадата на С.Македонија во Рим како и со логистичка поддршка na македонската заедница во регионот Емилија-Ромања.
OhridNews