Самитот на претседатели на државите од Централна Европа, попладнево заврши во Охрид со презентација на заклучоците кои беа усвоени во пленарна расправа. Интеграциите во ЕУ и НАТО немаат алтернатива за земјите аспиранти сметаат  претставниците на деветнаесете држави членки на централно-европската иницијатива.  Заклучоците ги презентираше претседателот на Македонија, Бранко Црвенковски, во друштво на претседателот на Србија Борис Тадиќ, кој догодина ќе биде домаќин на Самитот на држави од Централна Европа.


Учесниците на самитот се согласиле дека Македонија ги исполнува сите услови за членство во НАТО, при што во заклучоците се напоменува дека индивидуалните интереси на ниедна земја не смеат да се стават над колективните. Во заклучоците се наведува дека евроинтеграциите не може да бидат комплетни без Балканот и Украина. Посебен акцент на Самитот беше ставен на Косово при што било заклучено дека е потребно да се вложат дополнителни ресурси за  да се обезбеди стабилизација на регионот. Претседателите се заложиле за стабилно снабдување на регионот со енергија при што се поздравува секоја  иницијатива за изградба на нови енергетски капацитети во регионот. На самитот во Охрид биле потенцирани глобалните процеси и нивното влијание врз регионот, за што учесниците се согласиле дека се потребни заеднички напори за успешно соочување со предизвиците.

ohridnews