Спорот меѓу државава и Бугарија, кој доведе до бугарско вето за почеток на преговорите на земјава со Европската Унија, беше една од водечките теми на Самитот ЕУ-Западен Балкан, кој се одржа вчера во Брдо кај Крањ, под покровителство на словенечкото претседателство со Унијата.
Силна поддршка за надминување на спорот со Бугарија дадоа вчера лидерите на Европската Унија, внесувајќи го ова прашање и во самата Декларација, која произлезе од Самитот и потенцирајќи дека неотворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија влијае и врз кредибилитетот и довербата во Унијата во регионот, сепак останува блокадата од Бугарија која од Скопје побара јасни законски гаранции дека ќе се исполнат обврските од Договорот за добрососедство од македонска страна
За жал и на огромно разочарување, мое лично и верувам на сите наши граѓани, блокадата доаѓа од нашиот сосед Бугарија.Пораките од претседателот Макрон и канцеларката Меркел се јасни – за решенијата треба поглед напред, кон иднината, а не копање во минатото. Но, за жал, не сум сигурен дека претседателот Радев ја разбрал таа порака.Чекорите и блокадите што Радев ги презема во име на Бугарија се навреда за македонските граѓани. Македонскиот народ, со целата своја мирољубивост, не може да ги оправда блокадите, мојот народ мене ми даде мандат да создавам решенија, но не ми дал мандат да оправдувам политики од минатиот век, истакна од Брдо вчера премиерот Заев.
Според Заев нашиот напредок во интеграцијата во ЕУ првенствено треба да зависи од домашните реформи поврзани со постигнувањето на европските стандарди, а не од билатералните прашања
Не е нова вест дека за нас е прифатливо, во духот на европските добрососедски односи, да ги интензивираме разговорите со нашиот сосед Република Бугарија. Ние велиме – да, можеме и мораме, двете страни, веднаш после изборите во Бугарија и во Северна Македонија, како што ни прилега, со искрена политичка волја да преземеме одлучни чекори за решавање на отворените прашања. Но, исто така, не е нова вест, дека нашиот јасен и гласен став за идентитетските прашања е дека македонскиот идентитет не може да биде тема за преговарање.
Како можно решение за спорот беше спомнат таканаречениот Патоказ со пет плус едно прашање од високите претставници на Унијата. Патоказот би требало да биде готов до почетокот на ноември, а во него би имало решенија, кои треба да се исполнуваат во целиот преговарачки процес.
Заев вчера одговарајќи на новинарско прашање да го објасни овој план рече дека станува збор за точките, кои се дел од нашиот патоказ, што го доставиле на разгледување во Бугарија при посетата на земјата на 17 јуни оваа година.
Се работи за точки коишто се решливи, не е дека не се решливи и се работи за нешто на кое што дополнително треба двете страни да се посветат. Од наша страна постои подготвеност да влеземе во решавањето. Прво, е многу важно што македонскиот јазик, македонскиот народ не се допираат со овие пет точки, туку се работи за дипломатска нота – кратко/долго име, за немешање во внатрешни работи, за говор за омраза и организирање од двете страни како тоа да го намалиме, за интензивирање на работата на експертските комисии коишто треба да имаат барем определено колку пати годишно ќе се среќаваат, како и делот на бугарската етничка група во Македонија. Ние немаме проблем со тоа прашање, наведе Заев.
Од овој Самит не произлезе временска рамка за интегрирањето на регионот , а словенечкот премиер Јанша истакна дека неговата земја поддржува „флексибилна временска рамка“ за идните чекори за проширување. Тој напомена дека таа точка не е вклучена во Декларацијата, но дека постои голема подготвеност на земјите членки во следната деценија да ја постигнат најголемата можна европска перспектива на Западен Балкан.
Важно е дека Декларацијата го содржи концептот на проширување, кој е важен за земјите од Западен Балкан. Наша проценка е дека индивидуалните чекори во врска со проширувањето можат да бидат завршени во следната деценија. И во случајот со Словенија имаше индивидуален распоред, што даде поголем поттик за реформските процеси, заклучи Јанша.
Следниот Самит ЕУ-Западен Балкан ќе се одржи во 2022 година, а од овој земјите членки истакнувајќи ја неопходноста од зајакнување на соработката меѓу Унијата и регионот, порачаа дека и натаму ќе останат посветени на тоа да ги ислушаате сите Европејци во поглед на прашањата што се значајни за сите – заштитата на граѓаните и слободите, развивањето силна и динамична економска база, унапредувањето на зелената и дигиталната транзиција, владеењето на правото, справедлива и социјална Европа, зајакнувањето на отпорноста на Европа.
OhridNews