Ноќеска на полноќ заврши рокот за поднесување кандидатски листи за изборите за пратеници на 8 мај. Според информациите од Државната изборна комисија (ДИК) листи за пратеници за сите шест изборни единици до синоќа до 22 часот поднесоа коалициите предводени од СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Храбро за Македонија предводена од ГРОМ, коалиција Македонска ера трета сувереност, Европски фронт предводен од ДУИ, партијата ЗНАМ и Работничка партија. Листи поднесоа и партиите Родина, потоа Аваја за Третата, Четвртата, Петата и Шестата изборна единица и Твоја за Првата, Втората, Третата и Четвртата изборна единица.
Единаесетите парламентарни избори во земјата се редовни и ќе се одржат на 8 мај. Кандидатите ќе се „натпреваруваат“ за 120 пратенички места во собранискиот состав 2024-2028 година.
Во изминатите денови партиите ги промовираа носителите на листите за пратеници и листите, како и програмите за парламентарните избори.
Редоследот на гласачкото ливче на коалициите и партиите ќе биде под ист реден број како и за претседателските кандидати, додека за останатите партии ќе се изврши дополнително жребување во Државната изборна комисија, согласно последните измени на Изборниот законик.
На редовните парламентарни избори гласање нема да се спроведува во дијаспората, додека за претседателските избори ќе се гласа.
ДИК вчера на седница го заклучи и Избирачкиот список за парламентарните и за претседателските избори.
Во Избирачкиот список за парламентарните избори запишани се 1.815.350 избирачи, додека за претседателските избори 1.814.317 избирачи. Во избирачките места со помалку од десет избирачи, гласањето ќе се спроведе во најблиското избирачко место со запишани над 10 гласачи.
Претседателските избори во земјата ќе се одржат на 24 април, додека вториот круг од изборите се очекува да се одржи на 8 мај истовремено со парламентарните.
Изборната кампања за претседателските избори почнува утре, а завршува на 22 април, додека кампањата за парламентарните избори почнува на 18 април и завршува на 6 мај. За првпат досега ќе има преклопување на кампањата за двата вида избори.
Вчера, претседателските кандидати Стево Пендаровски, Гордана Силјановска Давкова, Максим Димитриевски, Бујар Османи, Арбен Таравари и Билјана Ванковска го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори, додека Стевче Јакимовски одби да го потпише поради тоа што беа откажани мастер дебатите на претседателските кандидати.
Членот на ДИК Борис Кондарко на почетокот на 92. седница во процедурално обраќање посочи дека ДИК не организира политички јавни дебати, не ги определува правилата на игра и нема да дозволи никакви влијанија и мешање ниту на партиите, ниту на кандидатите. Како што посочи, ДИК не носи изборен закон и не ги определува правилата на игра, туку тоа го прави Парламентот.
За овие избори карактеристично е исто така што изборите ќе се одржат со апарати за биометриска идентификација на гласачите, како и дека ќе бидат во работен ден односно во среда.
OhridNews