Вчера истече рокот за аплицирање на Јавниот оглас за вработување кој го објави охридската Локална самоуправа преку Агенцијата за администрација за прием на 14 нови државни службеници.
Според јавниот оглас општината ќе вработи еден виш референт за архивско и канцелариско работење, двајца соработници за следење и донесување урбанистички планови, двајца помлади соработници за донесување на урбанистички планови, еден соработник за правни работи од областа на урбанизмот, еден виш соработник за следење и реализација на проекти, еден соработник за туризам и угостителство, еден виш референт – администратор, еден соработник за прибирање и обработка на податоци од областа на културата, еден помлад соработник за културна соработка и еден соработник за прибирање и обработка на податоци и информации од областа на основното и средното образование.
Во општина Охрид има ангажирани лица на кои не им е регулиран работниот однос. Кој ќе биде вработен ќе зависи од тоа колку ги исполнува критериумите наведени во огласот вели градоначалникот Бакрачески.
– Ние ангажираме лица на одредени позиции за кои локланата самоуправа смета дека има недостаток. Објавивме оглас по кој што сите граѓани на Република Македонија, не само на Охрид, можат да се пријават и секако дека ние ќе се трудиме да ги одбереме најдобрите оние кои што одговараат согласно критериумите во огласот.-изјави Бакрачески.
Освен за овие работни места, во рамки на јавниот оглас се бара и Раководител на одделение за инспекциски надзор – Инспекторат како и Раководител на Секторот за туризам и локален економски развој. Дали тоа ќе бидат веќе ангажирани лица на тие позиции или нови, градоначалникот Бакрачески вели дека се ќе зависи од квалитетите и компатибилноста на личностите кои ќе се пријават на огласот.
Во врска со рационализацијата на вработените во локалната администрација, најавена минатата година, Бакрачески истакна дека општината се уште работи на ова прашање.
-Се уште работиме на мерките и активностите кои што ние сметаме дека треба да ги преземеме за да го решиме тој многу горлив проблем на јавната администрација и јавните претпријатија кои што прпизлегуваат од неа, кога ќе формулираме дефинитивен став тогаш ќе го објавиме.-рече Бакрачески.
OhridNews