На денешното рочиште во судскиот процес за пожарот во модуларната болница заврши доказната постапка, па на 25 април ќе следуваат завршните зборови на Обвинителството и одбраната на обвинетите.

Денеска како последни сведоци сослушани беа двајца вработени од обезбедувањето на Клиничка болница Тетово, како и докторка од интернистичкото одделение која била ангажирана во модуларната болница.

При сведочењето обвинителот ја праша докторката Ерселе Треси дали во модуларната болница имало раководител.

Сме немале раководител, секој кој бил на смена бил одговорен, истакна докторката Ерселе Треси.

Адвокатите ги прашаа двајцата вработени од обезбедувањето дали забележале противпожарни апарати во модуларната болница.

Да, мислам дека имаше три. По еден во магацин, во сестринска соба и во чекална, посочи сведокот Башким Ибраими.

По завршување на сведочењата судијата Јордан Велковски ги праша адвокатите, дали обвинетите ќе даваат исказ, на што бранителите одговорија дека нема обвинетите нема да даваат свој исказ. Потоа судијата констатираше дека заврши доказната постапка.

Поранешните директори, Флорин Бесими и Артан Етеми се товараат за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“, додека докторот Бобан Вучевски за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. Клиничката болница како правно лице се товари за две кривични дела, прво за „предизвикување општа опасност“ и за „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“. Тие на почетокот на судењето истакнаа дека го разбираат обвинението но дека не чувствуваат вина.

OhridNews

фото. МИА