Ковид кризата не го спречи развојот на младата по години, а голема по значењето културна манифестација – Балкански поетски камп за деца и млади: “Поетски искри од огништето на Ванчо Николески”.

Изминатите три дена во живо и виртуелно, на манифестацијата учествуваа млади поети, со објавени поетски книги од Македонија, Албанија, Србија, Бугарија и Република Српска – Босна и Херцеговина.

Не знам кога ќе стигнеме до целта и дали самиот ќе го доживеам тој миг на задоволство и исполнетост, но, речиси сум уверен, дека, сега веќе, традиционалната и на овие простори единствена манифестација од тој вид – Балкански поетски камп за деца и млади: “Поетски искри од огништето на Ванчо Николески”, ќе прерасне во нешто што е младинската Академија на Камп Ноу, во фудбалот, ќе биде расадник на поетски надежи. – истакна  во завршните зборови основачот на манифестацијата, новинарот и публицист Веле Митаноски, пред куќата на основоположникот на македонската литература за деца и млади Ванчо Николески, во Црвена Вода, општина Дебрца.

Балканскиот камп за деца и млади: “Поетски искри од огништето на Ванчо Николески” се одржува во организација на Здружението “Мацково” со финансиска поддршка на Министерството за култура, како и општините Охрид и Дебрца.

Оваа година Кампот, кој прераснува во регионална манифестација, се одржува под патронат на Светската академија на поезијата на УНЕСКО.

Г.М.