Завршија предвидените археолошки истражувања за 2022 година на локалитетот Самуиловата тврдина во Охрид. Локалитетот Самуилова тврдина веќе неколку години е истражуван во континуитет информираат од НУ Завод и Музеј Охрид.
Со последните истражувања имаме сознанија за хронолошката комплексност на локалитет, а секако и показателите од движен и недвижен карактер укажуваат на развојот на културните хоризонти и неговите етапи. Во контекст на ова истражени беа околу 150 м², при што беше откриена архитектура која е дел од поголем комплекс на градби кои припаѓале на доцниот османлиски период, како и фрагменти од керамички садови; делови од глеѓосани зргафито чинии, луксузни лулиња, монети и други предмети кои го бележат секојдневниот живот на населението кое живеело на овие простори во периодот од доцната антика па се до доцниот османлискиот период. За прв пат беше извршено и фотограметриско снимање на северната и јужната половина од Цитаделата, велат од Установата.
Финансиските средства за реализација на проектот, додаваат дека биле обезбедени со програмата за финансирање од буџетот на Република Северна Македонија со наслов: “Доистражување на просторот од Самуилова Тврдина – Цитадела, изработка на конзерваторски проект и непосредна заштита – конзервација на објекти со цел ревитализација на целиот простор, заради целосна презентација и самоодржување“.
Раководител на проектот е археолог Анатоли Арнаудовски.
OhridNews
фото. НУ Завод и Музеј Охрид