Охридските љубители на филмската уметност вчеравечер во Центарот за култура „Григор Прличев“ во Охрид имаа можност да го проследат филмот „Семејството Белие“, со чија проекција свечено беше затворено 8-то издание на Фестивалот на француски филм. Ова е единствениот филм кој беше прикажан во Охрид, како дел од годинешната програма на фестивалот.

Во рамки на свеченоста за затворање на фестивалот беше доделена и „Златната маска“ за животно дело на познатата француска актерка Ањес Сорал. Taa истакна дека и претставува особена чест и задоволство што нејзината работа е вреднувана од публиката и тоа што е првата жена која е добитник на оваа високо признание.

Француската амбасадорка Лоренс Оер во својот говор пред присутните рече дека охридската публика има можност да види филм кој имал голем успех во Франција, a за добитничката на наградата истакна дека е позната француска актерка, режисерка и писателка, со големи ангажмани на полето на филмот.

Од името на Охридската локална самоуправа се обрати Заменик-градоначалникот на Охрид, Ангел Јанев кој потенцираше дека филмот има моќ да ги поврзе минатото, иднината и сегашноста преку создавање свест за поединецот и за колективот во една вечна сегашна форма.

Во рамки на 8-то издание на Фестивалот на француски филм беа прикажани осум остварувања од најновата кинематографска продукција на Франција, меѓу кои и филмот што го отвори годинашниот Кански фестивал – „Со кренато чело“.

OhridNews