Со врачување уверенија и со споделување импресии од четириесетина семинаристи – слависти и македонисти од петнаесет земји од светот, заврши 54. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ). Школата којашто традиционално се одржа во Охрид, годинава, во целост беше посветена на делото на великанот Блаже Конески, по повод стогодишнината од неговото раѓање. Учесниците слушаа лекторска настава со вкупен фонд од 55 часа и 13 предавања од врвни специјалисти и познавачи на творештвото на Конески од повеќе аспекти, преку нив, со нив беа споделени и нови заклучоци и согледби. Сите тие се влог во изучувањето и проучувањето на делото на Конески и ќе придонесат уште потемелито и со нови согледби тоа да биде претставувано на странските универзитетски центри, на коишто Конески веќе е и синоним за современата македонска култура и држава.
Како резултат на работата на Школата, веќе се подготвени и нови преводи на дел од творештвото на Блаже Конески и тоа на делови од творештвото коишто претходно не биле преведувани во работата на МСМЈЛК при УКИМ. Особено значајно, веќе се подготвени преводи и од култната книга „Разговори со Конески“, преку коишто, на новите слависти и македонисти ќе им биде овозможено Конески да го спознаат не само преку неговото лингвистичко, книжевно, научно и културолошко дело, туку и преку неговите светогледи и размисли за круцијални прашања, како поврзани со неговата биографија, така и со македонската културна опстојба и културниот развој, се вели во соопштението од Школата.
Ова издание на летната школа на МСМЈЛК при УКИМ се издвојува и како едно од изданијата со најбогата програма, вклучително и преку културните настани што беа организирани за учесниците – странски слависти и македонисти. Меѓу другото беа промовирани и четири монографски публикации.
Во рамките на Школата се одржа и тркалезна маса на тема „Блаже Конески во наставата по македонски јазик, литература и култура на странските универзитети“. Покрај ова, учесниците на Школата присуствуваа и на меѓународните поетски манифестации Струшки вечери на поезијата и Поетска ноќ во Велестово, а беше одржан и курс по македонски народни ора.
Според оцените на учесниците од странските универзитети, 54. Летна школа на МСМЈЛК при УКИМ се издвојува како еден од најдобро организираните стручни и научни настани во славистичкиот свет, во текот на новата нормалност наметната од пандемијата. Како што истакнаа и на затворањето на Школата, таа им овозможи исклучително важни нови сознанија и материјали со коишто Конески и воопшто македонскиот јазик, литература и култура ќе продолжат да ги афирмираат во своите културни средини, се додава во соопштението.
Активностите на МСМЈЛК при УКИМ продолжуваат со 48. Меѓународна научна конференција, којашто ќе се одржи на 3 и 4 септември во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид. На неа, околу 70 македонисти, слависти и балканисти од земјата и странство, во живо и на далечина преку платформата „Зум“ ќе ги изложат своите истражувања на тема „100 години од раѓањето на Блаже Конески – стожер на македонскиот јазик, литература и култура“.
OhridNews