Во Конгресниот центар на на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид, свечено беше затворена 51. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар при УКИМ, на која учествуваа 85 македонисти, филолози, слависти, балканолози, културолози, академици, емеритуси, раководители на катедри на лекторатите, професори, научни истражувачи, лектори и преведувачи од целиот свет.

Темите за јубиларите Крсте Мисирков, Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски поттикнаа 75 реферати, а слоганот на конференцијата „75 за 75“ беше создаден за „75 реферати за 75 години УКИМ“.

Ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова, се осврна за важноста на одржувањето на конференцијата и истакна дека 51. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е значаен чекор напред во македонистичката наука, во која врвната филологија и културологија се во синергија и дијалог со светската македонистика.

Таа потенцираше дека големиот интерес за македонистиката како наука, која се афирмира на најголемиот македонистички собир во светот како што е 51. Меѓународна научна конференција на МСМЈЛК при УКИМ, говорат за тоа дека македонистика е еден од столбовите на студиозната македонска наука и култура, која заслужува раст, поддршка, афирмација и иднина.

Во годината кога УКИМ одбележува 75 години од основањето и кога ја прогласивме 2024 година за година на македонистиката, 57. Летна школа и 51. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар при УКИМ, претставуваат висока актуелизација и афирмација на македонистиката, нагласи ректорката Ангелова.

Директорката на Меѓународниот семинар при УКИМ, проф. д-р Кристина Николовска, по повод успешното затворање на Меѓународната научна конференција, потенцираше дека дејноста на Меѓународниот семинар при УКИМ континуирано гради стабилна македонистичка високообразовна дејност и студиозна наука, која треба да се негува и да се поддржува.

Ова е голем проект, проект од национален интерес со пошироко интернационално значење, ова е значаен мост меѓу културите на светот кои водат разговор преку врвна наука, како што е македонистиката, и покренуваат културна дипломатија, која отвора нови хоризонти и гради мостови. Ние сме култура на градење на мостови, соработки и пријателства, наведе директорката Николовска.

Таа заклучи дека, во годината кога се чествува 150-годишнината од раѓањето на Крсте Мисирков, 150 македонисти од целиот свет – семинаристи на 57. Летна школа и научни истражувачи на 51. Меѓународна научна конференција на Меѓународниот семинар при УКИМ, по мотото „Македонистички городрек“, ги докажале своите заложби за константното развивање на македонистиката насекаде во светот.

Вообичаено, сите трудови презентирани на 51. Меѓународна конференција ќе бидат објавени во Зборникот што традиционално се објавува по завршувањето на собирот.

OhridNews