Годинава на аџилак и во посета на светите муслимански места од земјава ќе заминат над 2.000 верници, што претставува рекорден број и подготовките поминаа во најдобар ред, изјави поглаварот на Исламската верска заедница, реисот хаџи Хафиз Шаќир Ефенди Фетаи на информативната средба со верниците во Гостивар.
Од нашата земја оваа година на аџилак ќе заминат 2030 верници, кои ќе им се придружат на околу четири милиони верници од целиот свет. Оваа година бројот на аџии од Северна Македонија е поголем од која било друга земја на Балканот, рече Фетаи.
Тој на верниците кои се собраа на традиционалниот информативен собир им посака добро здравје и да се придржуваат до препораките на верските лидери и лекарскиот тим.
Собирот беше можност верниците да се запознаат со нивните водачи и да слушнат совети и предавања поврзани со престојот во светите места. Покрај советите и благословот, верниците денес ги добија и пакетите во кои се наоѓа традиционалната наметка ирхам.
Првата и втората група ќе тргне на 16 јуни, односно 17 јуни со по 180 верници, а последната со 85 ќе отпатува на 18 јуни. ИВЗ го организира патот, сместувањето и храна за време на 28 дневниот престој.
OhridNews