Со традиционалниот поетски хепенинг денеска во Вевчани заврши меѓународната манифестација „Струшки книжевни средби 2023“, што по 11. пат ја организира културниот центар „Бран“ од Струга.

Манифестацијата почна синоќа со промоција на трите тома од книгата „Мојата Струга“ на Наум Бајо, а врачени беа и традиционалните награди „Животно дело“ на новинарот, публицист, поет и раскажувач Мишо Китаноски, за автор на годината на Дарко Лешоски и млад автор на годината на Емилија Карафилоска. Награда за „Посебни книжевни достигнувања на автор од странство“ ја доби црногорскиот книжевник, Лабуд Н. Лончар.

Според масовноста во присуството и реализираните содржини, се покажа, уште еднаш, дека жителите на Струга, а со нив и потомците, имаат слух за поетското создавање, соодветно на славата на легендарните претци – браќата Константин и Димитар Миладинови, соопшти организаторот.

Во големата сала на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“, настапија бројни автори од Северна Македонија, Србија и Црна Гора.

OhridNews