Градежните активности на улицата „7-ми Ноември“ се одвиваат по предвидениот план и динамика, информираат од Општина Охрид. Од досегашниот тек на теренските работи согласно Проектот за реконструкција и временските прилики завршени се пообемните градежни активности, потенцираат.

Во целост е завршена атмосферската канализација по должината на целата улица, а исто така извршена е девијацијата на фекалната и индустриската канализација од поранешните индустриски капацитети долж улицата. Поставено е јавното осветлување и маркирани и уредени се површините предвидени за автобуски постојки, велат.

Додаваат дека речиси целосно е завршено партерното уредување на улицата, од левата страна (во правецот од Охрид кон Битола), а на овој потег, ЈП „Охридски Комуналец“ направи подготовки за хортикултурно уредување.

На десната страна (во правецот од Охрид кон Битола) во тек е партерно уредување и оформување на велосипедската патека, а по должината на цела улица се врши спуштање на сите кабелски водови под земја. Според предвиденото, по завршување на оваа фаза од реконструкцијата на улицата ќе се пристапи кон уредување на коловозот и поставување на нов асфалт, со што Охрид ќе добие модерна сообраќајница по сите современи стандарди, додаваат од Општина Охрид.

Активностите за реконструкција на улицата започнаа на крајот од август минатата година, а проектот опфаќа изградба на нова атмосферска канализација, нови тротоарски површини и велосипедски ленти, спуштање на водовите на кабелските и другите оператори и реконструкција на коловозот. Вредноста на истиот изнесува 39 милиони денари.

Според последните најави на градоначалникот Кирил Пецаков реконструкцијата на улицата треба да биде завршена до почетокот на летната сезона.

Н.С.Ј.

фото. Б. Стојаноски