Охрид и Македонија во недела ќе извојуваат двојна победа на вонредните избори за градоначалник и на претседателските избори, оптимистички најави лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев на завршниот митинг на изборниот караван „Заедно напред“ предводен од владејачката СДСМ, што се одржа вечерва во Охрид, неколку часа пред почетокот на изборниот молк.

Ние велиме „Заедно напред“. Ако и вие велите „Заедно напред“ тогаш сме завршиле големо нешто за татковината, големо нешто за граѓаните и големо нешто за идните наши поколенија, оти заедно сме сите ние, а напред е нашата колективна цел. И имаме со кој. Ајде заедно напред со Константин Георгиески и со Стево Пендаровски. – повика Заев.

На митингот на градскиот плоштад во Охрид се обрати кандидатот за градоначалник Константин Георгиески. Тој најави дека неговата изборна програма е реална, развојна и остварлива.

Кога се искачував на Мон Блан ме носеше мислата за семејството, ме носеше мислата за мојот Охрид. Сонувам и посакувам нашата прекрасна Галичица, нашето „Магаро“ да предизвикуваат исти такви чувства кај светските трагачи на убавини. За разлика од нашите политички противници ние не лажеме. Ние не сме посветени на криминал, ние сме посветени на нашиот Охрид, за негова светла иднина. Охрид и Охридското Езеро се светско културно и природно наследство заштитено од УНЕСКО. Ви ветувам тоа богатство и натаму ќе биде светско и наше. ВМРО ДПМНЕ направи пустош, но подготвени сме да се справиме со последиците и со реализација на нашата предизборна програма да почнеме нов развоен циклус. – рече Георгиески.

Тој најави продолжување на процесот на раздолжување на општината, реализација на бројни инфраструктурни проекти, инвестиции во образованието, културата и спортот.

Пред охриѓани се обрати и кандидатот за претседател на државата Стево Пендаровски кој побара масовна излезност на претстојните избори.

Јас знам дека во недела Охрид ќе извојува голема победа на изборите за градоначалник и уште во првиот круг ќе го добие својот Константин Велики, идниот градоначалник. Но тука не завршува нашата битка, потребна е мобилизација како за 21 април така и за вториот круг од претседателските избори за да ги победиме нашите политички противници. На овие избори избираме помеѓу европска Македонија и опцијата која сака државата да ја врати назад. – рече Пендаровски.

Кандидатот за претседател на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, се осврна на речиси 30-годишниот транзициски период во економско-социјалната сфера, што е поврзано со најболниот проблем, иселувањето на младите генерации.

Чекорите што ги прави оваа власт одат во насока на класично редуцирање на иселувањето и давање шанси на младите, да просперираат овде, во својата земја. Оваа Влада прави се’, а тоа го покажуваат и европските индикатори, дека економскиот стандард се крева, а невработеноста е на најниско ниво. Сите индикатори одат во позитивна насока. –  рече Пендаровски.

Вечерва на полноќ почнува предизборниот молк кој ќе трае до завршување на изборите во недела, 21 април во 19 часот.

OhridNews