Минатата година поради неусогласеност на институциите и неповолни временски услови не се изврши прскање против комарци во Охрид. Од Заводот за здравствена заштита како надлежна институција за дезинсекција, дезинфекција и дератизација, се надеват дека оваа година општината ќе реагира навреме и ќе се изврши прскањето против комарци.

Прскањето против комарци вообичаено се врши  во овој период, но ние сеуште немаме добиено сигнал од локалната самоуправа дека тоа оваа година ќе го правиме. Заводот за здравствена заштита технички и кадровски е подготвен да ги спроведе потребните мерки, вели Сашо Точко од ЗЗЗ – Охрид.

Од локалната самоуправа уверуваат дека годинава ќе има прскање против комарци и дека во тек е потребната процедура.

Во буџетот на Општината за ова година предвидени се 500 илјади денари за запрашување против комарци, дезинфекција и дератизација. Во тек е тендерската постапка и по нејзиното завршување ќе се изврши авионско запрашување против комарци, ни изјави портпаролот на Општината, Никола Маневски. Тој појасни дека во зависност од средствата што ќе останат, ќе се одреди обемот на дератизација, односно уништување на глодари.

Манески објасни дека минатата година запрашувањето против комарци не се извршило поради тоа што во периодот кога општината ги обезбедила потребните средства временските услови биле неповолни за такви активноси.  За тоа одговорност сноси и Заводот за здравствена заштита затоа што  не  изврши дезинсекција кога временските услови го дозволуваа тоа,  покажувајќи недоверба кон Општината дека таа ќе ја плати услугата, додаде Манески. Според него таквиот однос е некоректен и поради тоа што Општината не може да плаќа од напред за неизвршени работи.

Останува да се надеваме дека оваа година навреме ќе бидат завршени сите административни процедури и дека ќе се изврши запрашувањето против комарци, со што и охриѓани и туристите ќе можат мирно да спијат во топлите летни ноќи.

Ohridnews