„Превентивата во јавното здравство треба да се спроведува во координација со локалната власт, но Заводот за здравствена заштита -Охрид во изминатиот период немаше голема соработка со локалната самоуправа“, смета директорот на оваа јавна здравствена установа, доктор Атанаско Михаилов.

„Направивме координативно тело со Локалната и одржавме 2-3 состаноци и тука застана. Таа  во овој период е во преструктуирање, во финансиско и друго осамостојување, но се надевам дека во иднина ќе имаме поуспешна соработка“,  вели доктор Михаилов.

Според него, општинската власт и Заводот се тесно поврзани зашто треба да работат превентивно. „Не треба да чекаме да се случи епидемија па заеднички да се справуваме со неа, туку да алармираме и да делуваме превентивно кај граѓаните“, објаснува директорот на Заводот за здравствена заштита.

Доктор Михаилов е дел од работната група за подготовка на Законот за јавна здравствена заштита. „Со овој закон, додава тој, поголемиот дел од проектите за превентивно јавно здравје ќе бидат сврзани со локалната власт“.

Според Михаилов, Заводите за здравствена заштита работат по закони донесени уште во поранешната СФРЈ, а нормативите од здравствениот сектор, сега мора да се приспособат  кон европското законодавство.

Преку Светска банка и Светската здравствена организација, во изработката на законот е вклучен и Кејс Шетвил, еминентен американски консултант.

Со новата систематизација, најавува доктор Атанаско Михаилов, Заводите за здравствена заштита ќе се преименуваат во центри за јавно здравје.

А.Р.